Општината врз основа на идејни решенија од граѓаните и стручната јавност ќе ги уредува плажите со цел исполнување на препораките од УНЕСКО во дополнителниот рок кој што го додели Комитетот за заштита на културното и светско наследство на Охридскиот регион. Денеска објавен е Јавен Повик на кој граѓаните и стручната јавност ќе може да  достават предлог идејни решенија за уредување на крајбрежјето, објави на прес конференција градоначалникот Константин Георгиески.

Право на учество на повикот имаат сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот. Целта на повикот е вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на  утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи. Доставените решенија ќе бидат доставени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение. –  потенцираше  Георгиески.

Основна цел, додаде Градоначалникот, е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот и да бидат уредени по желба на граѓаните. Уредувањето на крајбрежјето оваа сезона беше во надлежност на локалната, и според  Георгиески, ваквиот привремен концепт за слободно користење на плажите се покажал како ефективен и успешен.

Пред почетокот на туристичката сезона, сите крајбрежни локации каде што спроведувавме активности за отстранување на бесправните објекти беа соодветно уредени од страна на Општина Охрид. Плажите беа секојдневно одржувани во две смени од комуналните служби, со цел да се обезбедат услови за пријатен одмор на гостите. Општина Охрид направи детална анализа и подолг временски период сериозно работеше на развивање на нов план за да преземе важна улога во уредувањето, но и во управување со плажите на крајбрежјето на Охридското Езеро, согласно еко стандардите и според препораките на УНЕСКО, додаде Градоначалникот.

Плажите согласно планот, се дефинирани во прва В зона, од првата заштитна зона, која го опфаќа Охридското Езеро и неговиот крајбрежен појас во хоризонтална проекција со ширина од 50 метри сметано од граница на КП 1/1 КО Охридско Езеро.

Во уредувањето треба да се применат автохтони материјали како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на: метал, лим, бетон, бехатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен, појасни градоначалникот Георгиески.

Конкурсот е анонимен и секој учесник има право да учествува со еден труд, а крајниот рок за поднесување на идејните решенија е 29.09.2021 година, до 13:00 часот.

 

К.А.