Спомен обележјето треба да е изработено од траен материјал (лиен во бронза или изработен од мермер) и да се вклопи во естетската целина со зададениот архитектонски проект. Идејното решение да се движи во насока на модерното уметничко видување на тематиката, со избегнување на реалистичната претстава на најголемите христијански идоли (Исус Христос, Св. Јован Крстител, Св. Богородица ….), се наведува во условите од распишаниот конкурс.
Споменикот со пригодна симболика може да се осмисли и како комплексна презентација. Постаментот треба да биде со максимална висина од пет метри, ширина од 3 до 5 метри, а должина до два метри. Висината на постаментот да биде поврзана со висината на тротоарот од улицата „Коста Абраш“, од каде е пожелно да биде и пристапот до спомен обележјето или со 4-5 скалници повисока од горенаведениот тротоар.
Местоположбата на спомен- обележјето, дефинирана од страна на Советот на општина Охрид, е на просторот помеѓу тротоарот од улицата „Коста Абраш“ и езерскиот брег.
Одборот ќе го изврши оценувањето и ќе ги објави резултатите од Конкурсот во рок од 15 дена од завршувањето на постапката. Најдобрите три идејни решенија ќе бидат наградени и тоа : Прва награда 60. 000 денари, втора награда 20. 000 денари и трета награда 15. 000 денари.
Наградените дела остануваат во трајна сопственост на општина Охрид.