Општина Охрид распиша ликовен и литературен конкурс насловен „ исчисти смет, посади цвет за поубав свет“.
– Човештвото генерално се соочува со создавање на огромни количини отпад кои ја загадуваат нашата планета. Отпадот создава огромен притисок на животната средина. Дел од овој отпад се преработува во процесот на рециклирање, но сепак останува голем дел кој создава грда слика во нашето секојдневие. Секоја индивидуа со доволно волја без оглед на возраста може да даде свој придонес во зачувувањето на чиста и здрава животна средина. Од најмали нозе треба да се едуцираме како да штедиме енергија, да ги зачуваме воздухот и водата чисти и да ги штедиме нашите природни ресурси, велат од локалната самоуправа.
Овој еко проект се реализира во соработка со основните училишта на територијата на Општина Охрид заради одбележување на Есенската рамноденица – почеток на есента 23-ти септември. Право на учество имаат сите деца на возраст од 6 до 14 години, ученици во основните училишта на територијата на Општина Охрид. Доставените литературни и ликовни творби треба да содржат еко порака која ќе одговара со темата на конкурсот.
Право на учество имаат оргинални ликовни и литературни творби кои претходно не се објавувани и не учествувале на други конкурси. Секое дете на овој конкурс треба да учествува со својот наставник- ментор. Секое дете има право да учествува со по еден труд (ликовен или литературен). Изборот на најдобрите ликовни и литературни творби ќе го изврши жири комисијата за оценување на трудот составена од три члена .
Прво наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 5000 денари еднократно. Второ наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 3000 денари и трето наградените ученици 2000 денари.
Пријавите по наведениот конкурс да се достават најдоцна до 23- ти септември до 12 часот во архивата на Општина Охрид.
OhridNews