Предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за измена на статутот на ЈП „Нискоградба“ Охрид, што беше на дневен ред на денешната осма седница на советот, предизвика расправа и спротиставени ставови. Според опозицијата, станува збор за промена на Статутот на претпријатието која ја врши управниот одбор, кој според нив, не е избран согласно законските одредби.
– Се укинува барањето од условите кои треба да ги исполнува директорот на јавното претпријатие. Невозможно е управниот одбор да интервенира и да врши своеволно измени во статутот, вели координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
Градоначалникот Јован Стојаноски појасни дека промената се врши затоа што Статутот на „Нискоградба“ бил различен од статутот на останатите јавни претпријатија, кои биле согласно законските прописи.
– Статутот на „Нискоградба“ беше различен од статутот на останатите комунални претпријатија и затоа тој е прилагоден на основните законски одредби коишто велат дека за директор може да биде поставено лице кое има најмалку 240 кредити. Во статутот на „Нискоградба“ стоеше 300 кредити што на некој начин е надвор од таа основна законска одредба. Ние со оваа промена само го прилагодуваме статутот на ова претпријатие кон законските одредби и кон статутите на другите комунални претпријатија, рече градоначалникот Стојаноски.
Советот не ги усвои бројните извештаи за реализирани програми и развојни програми на секторите и одделенијата при локалната самоуправа за периодот од 01.01 до 31.12 2017, освен предлог – одлуките за усвојување на Извештајот за работењето на Одделението за даноци, Извештајот за работа на Одделението за култура, предлог-одлуката за усвојување на Годишниот извештај и завршна сметка на Буџетот на единицата на локалната самоуправа општина Охрид за 2017 година и Извештајот за годишниот попис за 2017 година.
Не беа прифатени ни извештаите за финансиското работење и годишна сметка за 2017 од основните и средни училишта и градинката. Советниците го прифатија Годишниот извештај за работата на ОЈУ отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“ – Охрид за 2016/2017 година.












