Охридскиот ракометен состав во првата сезона во суперлигашкото друштво без поголеми проблеми го обезбеди опстанокот и ја оствари зацртаната цел пред почетокот на сезоната. Управниот одбор на охридскиот клуб ги сумира впечатоците од првата, но веќе размислува за втората сезона во елитата.


– Во текот на сезоната Охрид прикажа одлични натпревари, беше сериозен ривал и пречка за противниците. Првата година во елитното ракометно друштво беше повеќе од успешна во организациски и натпреварувачки план. На организациски план успеавме да се трансфомираме во Акционерско друштво, клубот функцираше како една инстуција, каде што секој човек си имаше свое место во ракометната приказна. Морам да ја пофалам охридската публика која уште еднаш покажа наклонетост кон спортот, и „Рибарите“ кои ни помогнаа заедно да ја оствариме првичната цел во дебитанската сезона – додаде Спасески.

– Ние имавме состанок со бизнис заедницата на кој присуствуваше и градоначалникот на Охрид, Бакрачески, кој е основен двигател на целата оваа работа и апсолутно од клубот му упатуваме голема благодарност. На средбата беше разговарано за буџетот кој треба да се концепира за следната сезона, а интерес за финансирање на РК Охрид пројавија и неколку други субјекти. Она што сме сигурни и можам да го потврдам е дека буџетот ќе биде поголем од минатата сезона. Затоа што во Супер лигата конкуренцијата е немилосрдна и мора да бидиме во чекор или еден повеќе од неа – истакна Спасески.
Во најбрз можен рок управата ќе се сретне со стручниот штаб и ќе разговара околу потенцијалните засилувања и продолжување на договорите на играчите кои беа дел и минатата сезона.
– Ќе имаме состанок со стручниот штаб и Управниот одбор и ќе разговараме за продолжување на договорите на играчите и потенцијалните засилувања за сезоната што доаѓа. Костурот на екипата која го понесе товарот во првата сезона во Супер лигата ќе остане, а ќе се донесат играчи на позициите кои „шкрипат“ во охридскиот состав. Охрид заслужува добар и квалитетен ракомет, а од сезона во сезона на задоволство на сите, градот ќе добие стабилен суперлигаш – заврши Спасески.
Стартот на подготовките за следната сезона треба да ги започнат при крајот на месец јули или почетокот на месец август.
Мх.П.












