Од година во година се зголемува бројот на млади кои уште во најраните години конзумираат и се опиваат со најразлични алкохолни пијалоци. Оваа појава зема алармантни размери во Охрид особено во текот на летниот период, кога освен младите охриѓани со алкохол се опиваат и голем број на млади туристи кои се дојдени на летување.
-Јас работам во колонијална продавница околу 10 години и можам да кажам дека секое лето алкохолните пијалоци ни се едни од најпродаваните артикли, но оваa година сметам дека состојбата е најалармантна бидејќи огромен број млади деца кои немаат ни 18 години купуваат големи количини на алкохол. Најчесто купуваат евтина водка, џин, коњак и ракија, но земаат и бело вино и пиво. Секогаш доаѓаат да пазарат пред 21 часот додека не е затворен штандот со алкохол, вели вработена во еден локален маркет.
Дека се зголемува бројот на млади кои конзумираат алкохол во текот на летниот период во Охрид забележале и охриѓани.
-Сопствениците до станот до нас се од Скопје и цело лето го издаваат станот. Претежно сместуваа млади кои одат во средно училиште. До сега беа три групи на деца од различни градови и буквално секоја вечер беа пијани и се забавуваа по цела ноќ. Мислам дека најголемиот дел од парите кои им ги дале од дома ги потрошија на алкохол. Ме изненади фактот што освен машки, видов пијани и млади девојчиња кои буквално ги носеа на раце, раскажува една повозрасна госпоѓа која живее во станбениот комплекс „Христо Узунов“.
Според здравствените и социјалните работници младите најчесто сакаат да се опиваат за да се докажат пред другарите и да се истакнат пред друштвото, но за зачестеноста на оваа појава најголемо влијание има и однесувањето на родителите кои не ги спречуваат младите во ваквиот начин на забава.
-Пред неколку години беше работена анкета во основните и средни училишта во Охрид за конзумирање на алкохол и тутун, а по направената анализа на анкетните прашања дојдовме до заклучок дека во 90 % од случаите се конзумира алкохол или тутун во семејствата на учениците. Значи децата стекнуваат навика уште во рана возраст гледајќи ги родителите. Освен тоа од мое лично искуство знам дека родителите често пати не можат да му ја одбијат желбата на детето да проба алкохол што е сосема погрешно. Јас сметам дека на децата во домашни услови не треба да им се нуди алкохол, бидејќи на тој начин се создава слика дека конзумирањето алкохол е прифатливо и нормално, вели д-р Слободанка Коцевска спацијалист по социјална медицина, при Центарот за јавно здравје во Охрид.
Според неа освен што не треба да им се точи алкохол во домашни услови, родителите треба да водат сметка каде одат младите и со кого се дружат.
-Родителите не треба ригорозно да им забрануваат или да ги ограничуваат своите деца, но сепак треба да водат сметка кога децата излегуваат, со кого излегуваат, каде одат и кое време се враќаат дома, односно најважно е да знаат во каква состојба се враќаат децата дома. Исто така треба да реагираат благовремено доколку забележат некоја промена во однесувањето на децата, а не да премолчуваат доколку детето го промени начинот на однесување или ако започне да прави проблеми, смета д-р Коцевска.
Според неа освен смејството, за зголемување на свеста кај младите за штетноста од алкохолот внимание треба да посвети и општеството.
– Вакви активности би можело да има во рамки на образовните институции. Најпрвин би требало да се работи на едукација на родителите, а потоа и за едукацијата на учениците. Исто така едукатвни кампањи за алкохолот треба да се спроведуваат и во рамки на градинките, нагласува Коцевска, додавајќи дека и надлежните институции кои го контролираат пазарниот и угостителскиот сектор треба да поведат сметка и да спроведат акции за начинот на кој се продава или се точи алкохолот, особено на малолетници.
Е.М