Од година во година се зголемува бројот на охриѓани кои живеат и работат на „црно“ во странските земји. Иако не постојат официјално достапни информации за бројот на емигранти од Македонија кои нелегално живаат и работат во странство, низ охридската јавноста се почесто се шират информации за нови иселеници од Охрид, кои живеат и работат без правно легален престој во САД, Германија, Австрија, Швајцарија и други европски земји.

Дел од семејствата и пријателите на ваквите иселеници велат дека причина за нелагалниот престој е надежта за добивање на странско државјанство.

-Еден мој пријател замина во Америка пред  неколку години. Успеа да добие туристичка виза на шест месеци, бидејќи имаше роднини во Чикаго. Но во овој град не можеше да најде добро платена работа замина за Њу Џерси каде што има голем број македонски иселеници и таму започна да работи како градежен работник. Откако му помина времето за легален престој остана да роботи и живее на црно, реши да ризикува со надеж дека ќе успее да добие државјанство. Значи сепак со сите документи тој сеуште фигурира како жител на Охрид иако не живее тука, вели еден млад охриѓанец кој ни раскажа примери за уште неколку негови другари кои живеат нелегално во САД.

-Имам и уште еден другар кој замина туристички во САД, но тој некако успеа да положи за возачка и сега поседува легална возачка дозвола и вози камион за една транспортна компанија. Но сепак престојот сеуште не му е легален, објаснува нашиот соговорник.

Преку брак до државјанство

Агентите кои посредуваат за работа во странство велат дека најчеста форма преку која македонците добиваат легални документи во европските земји и во САД е склучувањето на брак со странски државјанин.

-За голем број лица од машки пол за кои имам посредувано за работа во странство имам информација дека склучиле брак со странска државјанка, за што плаќаат големи суми на пари. Откако ќе помине законскиот период на брак, во кој може да се стекне државјанство, истите се разведуваат и продолжуваат да живеат легално и си ја повлекуваат фамилијата од Македонија. Но има и случаи кои се склучуваат  бракови со странци од љубов, вели посредник за работни визи од Скопје, кој инсистираше на анонимност.

Тој објаснува дека до сега имал голем број на клиенти од Охрид за кои посредувал за работна виза, но има и такви за кои процедурата е во тек.

-За клиентите од Охрид наjчесто посредуваме за работа во Канада, Германија, Австрија, Шведска и Словенија. Машките најчесто се вработуваат како градежни работници или превозници, а женските како бебиситерки или хотелски персонал, вели агентот за посредување на визи.

Охрид првак во миграции

Дека бројот на охриѓани кои го напуштаат родното огниште постојано расте потврдуваат и бројките од официјалната статистика. Според Публикацијата ,,Миграции 2013“, која деновиве ја објави Државниот завод за статистика, Охрид е град со рекордна миграција, споредено со другите градови во внатрешноста на Република Македонија.

Официјалните статистичките показатели говорат дека минатата година од Охрид се иселиле вкупно 766 лица, од кои 534 заминале во странски земји. Зад Охрид на листата се градовите Тетово со 380, Струга со 350, Куманово со 339, Гостивар со 305, Битола со 304, Велес со 244 отселени лица итн. Поголем број отселени од Охрид има само градот Скопје, од каде што во 2013 година се отселиле 1.745 лица.

Според статистичката евиденција која е официјално објавена преку годишните публикаци, може да се констатира дека во текот на последните седум години од Охрид официјално се иселиле вкупно 5.423 лица (2013год.-766, 2012год.-1.296, 2011 год.-1.069, 2010 год.-676, 2009 год.-802, 2008 год.-594, 2007 год.-220). Доколку на оваа цифра му се додадат и иселените лица кои сеуште не се одјавени од своите живеалишта во Охрид, бројката на иселени ќе биде многу поголема. 

Е.М