Купишта градежен шут и кабаст отпад се расфрлани по должина на неасфалтираната источната трансферзала, која се протега од бензинската пумпа „Билјанини извори“ до улицата „Баталјон Мирче Ацев“.
Граѓаните кои живеат во овој дел на Охрид велат дека од ден на ден расте купот со ѓубре и бараат од надлежните да ислезат на терен и да ја согледаат оваа состојба.
-Освен тоа што не е поставен асфалт и во лето е прашина, а преку зима е кал, оваа таканаречена обиколница, прераснува во градска депонија за градежен шут. Оваа депонија не од сега, но во последно време мислам дека количеството на отпадот добива алармантни размери и под итно треба да се исчисти, вели охриѓанец кој живее во близина на обиколницата.
Изградбата на источната трансферзала започна во септември 2008-ма година, со цел да се растовари сообраќајниот метеж низ централниот дел на Охрид, но градежните активности за асфалтирање на обиколницата, се запрени повеќе од пет години.
Инаку со одлука на Советот на општина Охрид во 2009-та година, по предлог на советничката група на ВМРО-Народна партија, оваа обиколница го доби името „Јордан Мијалков“.
OhridNews