„Ел Командате“-Раул Гонзалес кој е роден во Шпанија и ја има поминато префинетата шпанска ракометна школа ќе биде најголем адут на Македонија во дуелот со „црвената фурија“ во првиот меч за двете селекции во главната фаза. Македонскиот селектор дуелот со своите сонародници го најави како голем професионалист и рече дека нема место за емоции и сентименталност.

– Во спортот нема место за сентименталност. Затоа ако ни се пружи шанса ќе победиме и со 15 голови. Верувам и знам дека ако таква шанса имаат Душабаев и Кањелас ќе ја искористат. Секој сака да победи во спортот и затоа емоциите се оставаат на страна. – изјави селекторот на Македонија и додаде – Мора да го продолжиме ритамот од Загреб, бидејќи само така можиме да функционираме. Обединетоста не красеше и донесе на ова место и на оваа позиција.

Навивачката „фаланга“ одново ќе биде осми играч на македонската селекција, а токму тука ја гледа најголемата предност Филип Миркуловски.

– Квалитативно селекцијата на Шпанија спаѓа во самиот врв на Европа. Негуваме исти стил на игра и очекувам тврд и неизвесен натпревар. Мала предност ќе имаме ние поради навивачите кои ни самите не знаат колку ни помогаат во одлучувачките моменти. – истакна популарниот Жути.

Македонија и Шпанија три дена одмараа и со најдобрите ракометари ќе ги судрат копјата во вараждинската Арена со почеток во 20:30 часот.

ЕП: „Црвено жолтите“ со една промена на мегдан со Шпанија

OhridNews