Македонската ракометна репрезентација во Хрватска не успеа да го повтори или подобри успуехот од Европското првенство од Србија 2012 година кога заврши на петтата позиција, а имаше одлична можност после првото место во прелиминарната рунда и трите бодови пренесени во главната фаза.
„Црвено жолтите“ континенталниот собир во Хрватска го завршија на 11-та позиција со три порази во втората етапа во која имаа шанси за полуфинале. Поразот од Шпанија не спушти на земја, чесите не дотолчија, а данските ракометари комплетно не вратија во реалноста.
– Не сме навикнати на ваков згуснат распоред, првенството беше премногу долго за нас. Пред мечот со Чешка и во текот имавме се уште шанси за полуфинале, но голманот нивни и нашите грешки не чинеа премногу. ЕП е турнир на кој нема слаба репрезентација и тоа може најдобро може да се види од исходите на сите мечеви. – рече македонскиот селектор Раул Гонзалес и додаде – Во Хрватска ги надминавме нашите очекувања. Првата фаза ја поминавме одлично, бевме први во групата и со добри шанси за пласман погоре во втората етапа. Притисокот беше голем, а тоа се виде на мечот со Шпанија на кој комплетно потфрливме. Одигравме добар меч со Чешка се до финишот, а со Данска имавме сила за едно полувреме.
Перфекната прва фаза на Македонија и донесе улога на носител во ждрепката за бараж мечевите за пласман на Мундијалот 2019 година и можност за продолжување на учествата на големите натпреварувања.
OhridNews