Ракометарите на Вардар по план со победа тргнаа во одбраната на титулата Европски првак во Лигата на Шампиони. „Црвено црните“ го скршија малерот во Полска и за прв пат ја победија Висла Плок (26-22) на гостински терен.

– Среќен сум што победивме на терен на кој тешко се освојуваат бодови. Висла има одличен тренер и играчи, а кога на тоа ќе се додаде и поддршката од публиката Висла е конкурентен за секоја екипа која ќе дојде да игра во Полска. Нивниот добар почеток на вториот дел нам ни создаде проблеми, но за среќа се консолидиравме на време и победивме. – рече тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Хрватскиот интернационалец Иван Чупиќ вели дека ќе ужива во победа заедно со своите соиграчи. – Знам дека во Плок ќе им биде тешко на сите да играат, а не пак да победат. Затоа ние ќе уживаме ден-два во оваа победа и потоа ќе се фокусираме кон следниот противник. Тие играа добро само 15 минути, додека ние 45 и затоа сметам дека заслужено победивме. 

„Вардарци“ премиерата во Скопје пред својата публика ќе ја имаат во втората рунда, а противник ќе им биде составот на Нант за кој настапува Кирил Лазаров.

OhridNews