Во заедничка акција на министерствата за внатрешни работи на Македонија и Албанија, приведени се членови на криминална група која извршила повеќе разбојништва и тешки кражби на златарници во охридско, струшко и дебарско, информираа директорите на полициите на двете земји Митко Чавков и Артан Диди. Тие денеска во Охрид одржуваат работен состанок на кој присуствуваат одговорни лица во службите за борба против организиираниот криминал.

-Откривањето на оваа криминална група се должи на брза размена на податоци помеѓу македонската и албанската полиција. Се работи за група составена од албански државјани кои оперирале пошироко и во држави на ЕУ. Со размена на информации и докази успеавме да го заокружиме овој случај. Еден дел од групата е приведен, за останатите имаме информации дека се наоѓаат во земји на ЕУ.-истакна директорот на македонската полиција Митко Чавков.

Во интерес на истрагата не беше откриено дали и колклав дел од украденото злато е пронајден.

-Се’ уште се работи со приведените припадници на криминалната група и не би сакал сега да споделувам такви информации пред целосно да се заокружи случајот со поднесување на кривични пријави и со предавање на суд.-додаде Чавков.

Тој истакна дека приведувањето на разбојничката група е пример за успешна соработка на двете полиции, која во иднина ќе се унапреди со формирање заеднички истражни тимови, за што се разговара на состанокот во Охрид.

-Целта на состанокот е да направиме еден пресек на досегашната соработка, да ги утврдиме приоритетите во иднина и да обезбеиме една проактивна предност во тековното полициско работење и соработката на двете полиции преку идентификување на лица вклучени во транснационален организиран криминал и соодветно на тоа да формираме заеднички оперативни и истражни тимови со вклучување на обвинителствата на двете држави.-изјави Чавков.

Директорот на полицијата на Република Албанија, Артан Диди, истакна дека соработката на соодветните служби во борба против организираниот криминал е неопходна. 

-На средбата во Охрид се анализира досегашната соработка и се детектираат проблемите со цел истите да се отстранат и во иднина да постигнуваме подобри резултати во борбата против организираниот криминал.-рече Диди.

Г.М.