Секторот за внатрешни работи Охрид, против две лица од Прилеп, поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Тешка кражба“.

Имено, К.Р. (41) и З.Т.(38) двајцата од Прилеп, на 31-ви минатиот месец, од стан во Охрид, одзеле поголемо количество златен накит, поголема сума денари и австралиски долари, со што, се стекнале со противправна имотна корист, од над 100.000,оо денари. Пријавените, употребувајќи алат, ја отвориле бравата од влезната блиндор врата, ги пребарале собите и успеале да го пронајдат и одземат златниот накит и парите.

    
СВР Охрид информира дека се работи за нова група сторители на тешки кражби која од Прилеп доаѓа во Охрид, со цел извршување на вакви казнени дела. Охридската полиција имала добри оперативни  сознанија, поради што истата брзо е разбиена.

Инаку, по серијата тешки кражби, што во Охрид и околните населени места беа изврши изминатиов период, СВР Охрид, пронајде и приведе повеќе лица од Прилеп, Скопје, Ресен и Охрид. Во изминативе неколку месеци, тие извршиле над 40 кривични дела тешка кражба, во кои, на штета на повеќе граѓани, пријавените се стекнале со противправна имотна корист, од близу 1 милион и седумстотини илјади денари.

На почетокот на минатиот месец, Д.Ѓ.(23) од Охрид, префрлувајќи се преку отворот на таванот, од две соседни куќи одзел поголема количина златен накит и пари, стекнувајќи се со против-правна имотна корист, од вкупно 1.229.200,оо  денари. Во текот на март, оваа година, М.Л. (21) од Ресен, извршил десет тешки кражби во Охрид, Косел, Лескоец, Плаќе, Оровник и Волино, одземајќи казани и делови од казани за варење ракија, електрични кабли за струја, метални цевки, со што се стекнал со противправна имотна корист од 150.000,оо денари. СВР Охрид, го пронајде и В.Ќ.(43) од Зелениково, баран од Основниот Суд во Скопје, за издржување на казна затвор во траење од шест месеци, кој насилно влегувал во куќи и деловни објекти низ Охрид. На истиот начин, оперирал и Б.Т.(24) од Охрид, кој, од повеќе куќи, станови и деловни објекти  во Охрид, одзел пари, повеќе ЛЦД и LG телевизори, сребрени монети и златен накит, стекнувајќи се, со против-правна имотна корист од над 500.000,оо  денари. Преку добро разработен систем, во Охрид, во февруари годинава, оперирале  Р.Р.(27) од Скопје, Д.П.(32), Х.С.(27) и Д.П. (28) од Прилеп. Тие, насилно влегувале во повеќе деловни објекти во Косел и Охрид, одземајќи пари, и разни колонијални производи, при што се стекнале со против-правна имотна корист, од близу 40.000,оо денари.

OhridNews