Охриѓанецот Дејан Ангелоски обезбеди место во историјата на Охрид Ултра Треил, откако триумфираше на второто издание на 66-километарската трка, позната како Галичица Треил. На Ангелоски кој тартанот на атлетските патеки го замени со планински ридови се уште го држат емоциите од победата и планинарската трка која беше организирано перфектно во време на пандемија, строги мерки и протоколи.

OhridNews: Речиси два месеци поминаа од второто издание на Охрид Ултра Треил, какви се вашите впечатоци?

Дејан Ангелоски – Морам да кажам дека за некој што тренира и е скоро секој ден на Галичица предолго траат импресиите и убавите чувста од трката,секојдневно го поминувам и трчам последниот дел од ултрата Од Крстец до Велестово и постојано ме потсетува на моментите од трката,безразлика на болката што ја чувствував во тој момент од трката доминираа среќните чувства кои ме држат сеуште, сметам дека ќе прерасне во огромна трка во блиска иднина и се надевам една од најатрактивните трки на Балканов, возбуда од самиот почеток до крај.

OhridNews: Успеавте да ја израдувате охридската публика и јавност со победа на 66 километарската трка, како беше чувството на самиот финиш?

Дејан Ангелоски – Иако бев преморен и можам да кажам со вложен максимум во сите 66км, со борба против планината и себе си, уживав во секој чекор од последните километри, особено кога го слушнав звукот од музиката на финишот уште над Велестово. Самото поздравување и восхит на секој што ме пречека и моето остварено зацртано скромно време од точно 8 часа и многу помешани чувства и емоции на радост што не се опишуваат, во овие тешки времиња радоста на луѓето предизвикана од мене беше едно од најубавите чувства на кое многу се израдував.

OhridNews: Со што се разликува Охрид Ултра Треил од останатите трки каде си учествувал и што му недостига на Охрид Ултра Треил?

Дејан Ангелоски – Од натпреварувачки аспект немам многу искуство од Ултра Треилс , но колку толку од учество на меѓународни, европски, балкански првенства во други дисциплини имам неколку настапи и можам да кажам дека е организирано на врвно, светско ниво. Во едно интревју со вас што го правев кажав дека се доста битни за туристички развој и развој на земјата, организаторите се многу професионални и на добар пат, со оглед на ковидот немаше многу светски тркачи, ама верувам дека следна година ќе биде стартната линија збогатена со многу јаки тркачи од цел свет.

OhridNews: Какви се подготовките за Планинарските трки и од каде наоаѓате мотивација?

Дејан Ангелоски – Најпрво ја формирам базата односно километрите и висинските метри што нозеве треба да ја поминат за да стекнат посакуваната издржливост и сила, понатаму во зависност од трката што ми претстои имам припреми или појаки тренинзи, различни во зависност за каква трка се работи Sky Running, Ултра, класични треил, Вертикал Километар. Не би рекол дека многу работам на барање мотивација, прво континуитет и работна навика, понатаму љубовта кон самите планини и на крај трчачките цели што сакам да ги остварам.

OhridNews: Кои се ваши следни цели и идни планови?

Дејан Ангелоски – Тековните цели и планови не ми се дефинирани со оглед на Корона вирусов и ситуацијава, но за некои  идни планови, би сакал да се појавам на некој од светските трки со светските тркачи, но секако треба многу работа и посветеност и подолг период нема ништо преку ноќ.

OhridNews