По мала пауза фестивалот „Balkan music square“ се враќа на културната сцена во Охрид и ќе биде дел од настаните со кои ќе се одбележи Денот на Охридското Езеро – 21 – Јуни. Честа да ја продолжат традицијата годинава ќе ја имаат охридскиот сестран уметник Даниел Јовески, светски познатиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски и исклучително талентираниот хармоникаш Николче Милевски, Љубојна и гостинката од Албанија Алба Далјани. Настаните ќе бидат надополнети со изложба на фотографии од Охридското Езеро и ќе се одвиваат денес и утре (сабота) од 13 до 16 часот на плошдатот Долна порта.

По тој повод направивме краток разговор со Иво Јанкоски – Директор на фестивалот „Balkan music squаre“.

По мала пауза фестивалот „Balkan music squаre“ на голема врата се враќа на културната сцена на Охрид

ON Зошто ве немаше извесно време и што ве мотивира да ја оживеете оваа убава традиција?

Иво Ј. Да, по кратката пауза некако природно ми се појави идеа дека е време да ја продолжиме традицијата на одржување на овој значаен музички настан кој по својот сензибилитет и естетика се разликува од сето друго што се нуди во градов. Оваа година решивме да ја смениме локацијата и терминот во кој вообичано одеше фестивалот (Антички театар во м. август). Оваа година главниот мотив е Денот на Охридското Езеро  – 21 Јуни, ред е да му оддадеме почит и благодарност на веројатно најголемиот дар од Бога за Македонија. Ваквата единствена природна убавина, која сите ја уживаме, неопходно е исто така и да ја пазиме и да се грижиме за неа, да ја сочуваме за генерациите кои доаѓаат после нас. Токму затоа и мотото на ова издание на Balkan Мusic Square е – “Наше езеро – Наша грижа“.

Инаку ова е 14-ти издание на фестивалот и во неговата долга историја на него свиреа музичари од цел свет, сите нив ги спојуваше универзалниот јазик на музката. Сеуште ми се јавуваат уметнци од Бразил, Португалија, Германија, Италија, Полска кои биле гости на овој фестивал и сите тие сакат повторно да настапат во Охрид. Фестивалот Balkan Мusic Square има своја органски селектирана публика со истенчен и софистициран музички вкус.

Иво Јанкоски – Директор на фестивалот „Balkan music square“.

ON Фестивалот оваа година ќе трае два дена, како што рековте на нова сцена – Плоштад Долна порта. Што ќе имаат можност да видат охриѓани и гостите?

Иво Ј. Фестивалот Balkan Мusic Square всушност трае 3 дена, а го отворија студентите при Џез Академијата од УГД Штип кои на 3 Јуни одржаа концерт во “Аудиокултура“ во Скопје. Останатите два дена ќе се случат овој петок и сабота на локацијата Долна порта со почеток во 13 ч. во Охрид. Во петок на 20-ти јуни свој настап ќе има мултинструменталистот Даниел Јовески, кој ќе понуди едно необично и несекојдневно искуство, бидејки ќе свири на кинеска виолина која многу ретко ја владеат европските музичари. Во сабота на Денот на езерото ќе се одржи главниот настан со два големи концерти и тоа : први ќе настапат двајца виртуози: охриѓанецот Дамјан Печјиноски на гитара заедно со Николче Мицевски на хармоника. Ова е фасцинантен дует на два врни инструменталисти.

Веднаш по нив ќе настапи една од најпопуларните македонски групи Љубојна, кои специјално за оваа прилика имаат гостинка од Албанија , младата певица Алба Дајлани. Можеби соработката на музички план со соседите треба во иднина да се продлабочи, делиме многу слично наследство, баш како што го делиме заеднички и Охридското езеро.

ON Дали може да очекуваме издание во 2026?

Иво Ј. Верувам дека фестивалот ќе го продолжи својот развиток и во иднина и ќе го врати брзо стариот сјај и висок квалитет што го красеа со години. Сметам дека Охрид има прекрасни услови и потреба од повеќе фестивали на отворени сцени вон таканаречената топ сезона. Токму затоа и овогодинешното издание на Balkan Music Square го реализираме во овој помиерен период, за да понудиме ретка и екслузивна можност заеднички да уживаме во музиката на самиот брег езеро кај Долна порта.

ON Како етаблирано име и добар познавач на културната сцена, ваше мислење за тоа каква културно/музичка понуда му треба на Охрид имајќи предвид што се се’ случува и нуди во Охрид во летната туристичка сезона?

Иво Ј. Јас разбирам и прифаќам дека луѓето имаат различни вкусови и афинитети кон музика и тоа е ОК. Но истовремено сметам дека Охрид не заслужува толку густа понуда на кич и турбо фолк во толку кус туристички бран од два месеци. Ако само тоа им го нудите, народот тоа ќе гледа и слуша. Освен фестивалот „Охридско лето“, сета останата понуда на комерцијални концерти со чест на исклучоци е намената за широки народни маси. Неопходно е да се даде можност на луѓето со поинаков, пософистициран вкус за музика и тие да уживаат повремено. Верувам дека во тој поглед ќе се променат работите на подобро. Охрид тоа го заслужува!

Г. Момироски