На 54-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени, OhridNews разговараше со Михаил Гаревски, првиот човек на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија(ИЗИИС). Гаревски зборува за причините поради кои беа оштетени толкав број објекти во 1963, како и за актуелните случувања во Охрид по серијата земјотреси, за квалитетот на градбите, измените на законот за градење.  

OhridNews: Се одбележуваат 54 години од силниот и разорен земјотрес што го погоди Скопје, голема трагедија која и после толку години не може да се заборави. На што се должеше големиот број на жртви и уништени објекти?

М.Гаревски: Се знае дека магнитуда  од 6.1, како што беше тогаш во Скопје, мора да има оштетувања, а кај неквалитетните градби се очекува и рушење. Големиот број на оштетувања и рушења во 1963 во Скопје беа резултат на тоа што 80% од објектите беа несеизмички проектирани, не беа градени според прописи за сеизмика, туку со носечки ѕидови од тула. Се знае дека тие се најповредливи и најчесто се рушат, бидејќи немаат никаква еластичност. На потреси со магнитуди од над 6 или имаат многу тешки оштетувања и потоа треба да се рушат или за жал доаѓа до паѓање и рушење за време на самиот земјотрес. Тоа се случи и со познатата 13-та зграда во Карпош. Тоа беа несеизмички објекти, без столбови, лошто проектирани. Сите оние кои макар беа рамовски типови на системи проектирани на хоризонтални сили, тие не паднаа. Имаше оштетувања, но не катастрофални.

OhridNews: По 1963 година се промени регулативата, законите за градење, но се уште има објекти кои се „црни точки“. Кои се најчуствителните, дали можеби тие кои се надградуваат и доградуваат?

М.Гаревски: Последните 5 или 6 години имаме суперквалитетна градба. Благодарение на тоа што во 2013 во законот за градба се воведе задолжителна контрола на проектите до 300 метри квадратни и уште повеќе на оние со квадратура од над 300 м2. Институтот оди на терен два пати за да провери дали градбата е како што е предвидено во проектите. Но, и понатака, најповредливи се оние згради кои беа несеизмички проектирани пред земјотресот, а кои не паднаа и не се срушија. Но уште поповредливи се старите објекти кои на некој начин се надградени. Затоа, јас постојано апелирам и до минатата и сегашната власт, во законот да се забрани било каква надградба на било каков објект. Особено е значајно кога станува збор за надградба на објекти кои се градени пред земјотресот, без разлика дали претходно биле санирани. Многу едноставно, ако еден објект се проектирал на три ката, а сакате да додатете уште два, сигурно дека нешто не чини. Тие објекти се многу повредливи. Никаде во светот, како и во Скопје, не може да се исклучи дури и кај најновите објекти дека има некои недостатоци поради несовесен инвеститор, неквалитетен бетон или затоа што не се остварил во целост проектот. Такви има секаде, но во Скопје бројот на случаи е минимален. Ако дојде до земјпотрес како оној од 1963 ќе бидат оштетени објектите градени пред земјотресот, некои од нив и ќе се срушат, особено оние кои се градени пред 1963 и кои се надградени. Може да се јави рушење и кај нови објекти кај кои при градењето не се водело сметка за квалитетот на бетонот, арматурата и слично.

OhridNews: Охрид е актуелен по серијата земјотреси. Се уште се тресе земјиштетот, но со послаб интензитет. Сметате дека охридското епицентрално подрачје се смирува?

М.Гаревски: Сметам дека се смирува, бидејќи од главниот удар кој беше со интензитет од 5 степени поминаа три недели. Карактеристично е за афтершоковите да траат месец  дена, а ако е посилен и два до три месеци. По катастрофалните земјотреси во Италија во август минатата година, сеуште има маса афтершокови. По земјотресот со магнитуда од 5 степени во охридскиот регион, имаше доста потреси со поголем интензитет, така да повеќе личи на рој земјотреси отколку афтершокови. Но, по класичната дефиниција, ако оној со јачина од 5 степени беше главен удар, се надевам дека нема да има посилни потреси и сите овие може да се третираат како афтершокови.

OhridNews: Живееме во сеизмичко подрачје, актуелните случувања предизвикаа вознемиреност кај граѓаните. Како треба да се однесуваме во случај на земјотрес?

М.Гаревски: Нормално е да се чувствувате непријатно, но мора да се контролира однесувањето. Сите објекти кои се модерни и градени после 1980-та се исклучително сигурни и воопшто не се препорачува да се бега, а нема ни време за тоа. Се претпоставува дека објектите нема да се срушат. Не се рушат и на магнитуда од 6, затоа треба да се засолниме под некое цврсто биро или маса со цел да се заштитите од паѓање на предмети или сталажи. Ако е потрес со јачина од 6 степени, сигурно ќе има рушење на преградни ѕидови кои може да не повредат, превртување на предмети. Кога се бега лесно може да дојде до повреди и жртви бидејќи истовремено паѓа дел од малтер, парапет и затоа мора мирно да се реагира и да се засолнеме.

Ние на некој начин очекувавме дека овде ќе има една поголема изразена сеизмичност, затоа што Скопје од 1963 година доста често тресеше. Минатата година кога се случи земјотрес од над 5 степени во скопскиот регион тоа е доста голема јачина и се случува еднаш на 100 години, валандовскиот регион се тресеше долго. Можеби во Пехчево и Берово треба се очекува сеизмичко интензивирање. Но, Охрид одамна немаше ваков бурен период. Ако се заврши со земјотресот од 5 степени, што би требало да е случај, мислам дека понатака за многу долг период охриѓани ќе заборават на тресењето.

OhridNews