„Калдрмата е како доверба — штом еднаш се размети, никогаш не може да се врати на истото место.“
Со оваа мисла го започнуваме разговорот со познатиот охридски историчар и архивист м-р Никола Митровиќ-Бабе за неговото најново прозно дело „Калдрма“ во очи промоцијата закажана за вечерва. Романот „Калдрма“ е емотивна и историска патека низ стариот Охрид. Дело што го преиспитува балансот меѓу науката и уметничката слобода, меѓу личната носталгија и колективното помнење. Преку приказните овој роман ги доближува младите и повозрасните генерации до суштината на нашето културно наследство.
Со Митровиќ разговараме за тоа што симболизира „Калдрма“, како се гради роман врз духот на времето и кои пораки ни ги остава.

Митровиќ: Калдрмата како поим секогаш буди чувство на автентичност оставена од минатите генерации. Таа преставува дел од емоционалната историја особено на еден град каков што е Охрид. Тоа е камен или камена плочка која знае да зборува преку својот молк. Оттука умешност е да го претворите тој молк во пишан збор преку кој ќе може да се слушне говорот на поставената камена плоча, плоча низ кои поминувале и оставале свои животни патешествија и судбини многу чинители. Се разбира неможете да останете рамнодушен низ таков еден простор кој во мојата душа внесе немир за што подинамично истражување и пишување. Тоа е мојата инспирација која всушност се преплетува со вечната муза, а тоа е градот Охрид. Додека ако би можел точно да го дефинирам симболизирањето на зборот калдрма тогаш веднаш ќе споменам: „Калдрмата“ е како доверба, штом еднаш се размети никогаш неможе да се врати на истото место.
ON: Колку од оваа книга е лична носталгија, а колку колективно помнење? Дали калдрмата во книгата е конкретна метафора за Охрид и неговата автентичност?
Митровиќ: Калдрма е лична носталгија и колективно сеќавање. Во неа се испреплетуваат моите лични доживувања, спомените од стар Охрид и сеќавањата на генерациите што живееле пред нас. Таа ги поврзува минатото и сегашноста, не потсетува дека градот не го сочинуваат само неговите градби и знаменитости. Туку пред се луѓето и нивните приказни и спомени каде се случувале разни настани, се раѓале љубови, се создавале пријателства, се испишувала историјата т.е вечната книга за градот Охрид.
ON: Како историчар и архивист, како успеавте да ја балансирате научната прецизност со уметничката слобода при пишувањето на романот?
Митровиќ: Мојата професија и целиот мој живот е посветен на историјата и архивистиката особено во локални размери (тоа воопшто не е наивно), бидејќи живееме во тло во кое секој камен, секој сокак има своја приказна и историја. Некои се поткрепени со документи, а некои не. Тука беше моето првично отстапување и балансирање на историските факти за романот „Калдрма“ со сопствената интуиција како историчар замислувајќи како би било минатото во моментот кога ви недостасуваат историски факти или документи. Тоа не значи дека тие историски факти не постојат и дека ги нема, туку дека се уште не се откриени. Затоа секогаш велам дека иднината е многу значајна за минатото, не знаете што иднината ќе ви донесе во откривањето на минатото и обратно многу одговори од минатото лежат се целисходни за иднината.
ON: Дали во „Калдрма“ се испреплетуваат вистински историски ликови и настани, или приказната е целосно фиктивна, изградена врз духот на времето? Кои се ликовите што чекорат по оваа калдрма и која е нивната најголема борба или копнеж што ги поврзува низ дејството?
Митровиќ: Да, во калдрма има вистински случки кои се согледани низ документи и за кои постои писание, постојат примеси од усмени и пишани легенди, но, постојат и замисли за поврзување на нештата низ догмата на историскиот процес. Долго време чекав историските факти за калдрмата во градот Охрид да ги поврзам во целост од научен аспект. Но, измина веќе предолго време со што чувството на историчарот и слободната мисла придонесоа тоа да се развие во текст во кој самиот читател ќе ја има слободата да открие што е вистина односно историски факт, а што имагинација.

Митровиќ: Во секое мое дело апелирам кон зачувување на колективната меморија, кон емоционалната историја и историјата воопшто. Но, во романот „Калдрма“ е поткрената и човечноста низ призмата на даден збор, ветување, доверба, љубов и носталгија. Затоа ова писание е многу различно од некои историски фикции. Романот го доближува читателот кон самиот себе, газејќи низ калдрмата да ги доживее овие елементарни чувства и да навлезе кон преиспитување на својот добробит.
ON: За кого е наменета книгата „Калдрма“? Која е главната мисла со која би сакале читателот да ја затвори последната страница?
Митровиќ: Книгата „Калдрма“ е пишувана во два стила и има две сижеа се со цел помладите генерации да имаат допирна точка со некогаш и денес, а повозрасните генерации пак обратно да имаат мисла од денес кон некогаш. Низ сите пишувани листови секој ќе пронајде свој интерес, па дури и идентификација со некој од ликовите. Затоа се надевам дека ќе биде прифатена од поширокиот публикум без некоја возрасна бариера. А како главен двигател покрај калдрмата која е симбиоза читателот ќе има прилика да согледа дека вистината секогаш излегува на виделина. Дури и ако е потисната во стар и изгубен пергамент каков што постои во романот „Калдрма“.
ON: Што е тоа што го имала калдрмата некогаш, а ни недостасува денес? Дали младите во денешно време го разбираат и ценат духот на старото време?
Митровиќ: Во вашето прашање е и дел од одговорот. Сметам дека со повеќе млад читателски публикум младите ќе излезат од обрачот кој го имаат во учебниците и ќе спознаваат се повеќе и повеќе за својата семејна историја, за историјата на својот град, држава итн. Токму како иницијална каписла за едно такво разбирање е романот „Калдрма“ и вистинската калдрма по која секојдневно се шетаат, да разберат дека и таа има душа во метафорична смисла, и дека историјата е основа на автентичноста.
Н.С.Ј.











