Охрид има исклучителен туристички потенцијал кој треба да се валоризира, но тоа никако не смее да биде преку концепт на нискобуџетен туризам, напротив, Охрид треба да биде една од најскапите дестинации во Европа. Ова во ексклузивен разговор за OhridNews го изјави планетарно познатиот експерт за вино, новинар и писател Пол Балке. Овој светски патник, инаку роден Холанѓанец, прв пат престојувал во Охрид во 2008 година. За македонските вина вели дека имаат голем потенцијал, а за Охридскиот вински регион дека е посебен. Пол Балке, автор на повеќе книги за познати вински региони, денеска, во хотел – ресторанот„Sky Corner“ во Охрид ќе одржи едукативно предавање за вино, а утре вечер ќе присуствува на гала настанот на кој ќе се дегустираат македонски вина со специјалитети од кујната на „Sky Corner“ приготвени од Шеф Филип Чаловски.

Пол Балке

ON: Кои македонски вина ги имате пробано, дали имаме добри вина?

Пол Балке: Секако, ги пробав вината на Тиквеш, Стоби, на старата винарија во центарот на Охрид, на Камник и други во кавадаречко-неготинскиот крај. Македонија има потенцијал, има навистина добри вина и има многу професионални луѓе кои работат во винската индустрија.

ON: Денеска во хотел-реторанот „Sky Corner“ ќе одржите едукативно предавање (18.00ч.) настан, кој, како што велат организаторите, има за цел лично надградување и запознавање со виното и винската култура и унапредување на винскиот туризам кај нас, а утре вечер, пак, на гала настан ќе има дегустација на вино и специјалитети од храна (18.00ч.). Што можат да очекуваат посетителите?

Пол Балке: Тоа ќе биде еден професионален настан на кој ќе зборуваме за виното, ќе вкусуваме вина и ќе се едуцираме како се послужува вино. Ова дотолку повеќе е важно за Охрид, затоа што тој се уште туристички расте, а и квалитетот на туристите исто така. Сметам дека Охрид не смее да биде нискобуџетен туристички град, туку, напротив, треба да биде едно од најскапите места во Европа. Охрид има голем број прекрасни места кои се ретки, културолошки, историски, гастрономски, и исклучително е важно луѓето тоа да го знаат. Сметам дека целиот град, туристичкиот сектор и локалните власти треба да работат заедно на тоа да создадат атракција која економски позитивно ќе влијае и на Македонија. Кога цените се повисоки, и гостите ќе бидат подобри.

ON: Како се создава винска култура?

Пол Балке: Конзумирањето квалитетно вино во Холандија расте, додека пиењето на пиво опаѓа. Дури и младите луѓе на возраст од 25 години знаат доста за виното и секојдневно се повеќе луѓе се едуцираат на оваа тема. Знам дека холандските туристи се мошне значајни за Охрид и затоа сметам дека покрај доброто вино треба уште малку да се подобрат гастрономската понуда и услугата, а тие тоа ќе знаат да го ценат и да го платат, што исто така е многу важно.

ON: Постојат бели вина, црни вина, розе и други, но експертите велат дека постојат само два вида, добри и лоши, дали е тоа точно?

Пол Балке: Точно е дека луѓето се повеќе знаат за виното, особено во европските земји, но исто така и угостителите се повеќе обрнуваат внимание на винската понуда. Охрид е извонредно место за промоција на квалитетните македонски вина а луѓето од Холандија, Германија, Англија, многу го ценат квалитетот на гастрономската понуда. Не сметам дека туристите во Охрид ќе доаѓаат поради вино, но доколку рестораните нудат добра услуга, добра македонска храна и се креативни, тоа секако ќе придонесе за развој на туризмот.

Пол Балке пред настанот во хотел ресторан „Sky Corner“ во разговор со Шеф Филип Чаловски (прв од десно), Блаже Миневски – Винарија „Бади“ (втор од десно) и Горан Момироски – OhridNews

ON: Како се произведува квалитетно вино и како се проценува квалитетот на виното?

Пол Балке: Производството на вино е прашање за кое што може да зборуваме многу. Тоа не е само прашање дали за тоа имате пари, пред се е важно да се има знаење. Може од ист род десет различни луѓе да прават вино и секое да биде различно. Дури и грозјето и местото да бидат исти, има разлика во моментот на собирање, чувањето. Некои луѓе имаат сенс и се многу прецизни во процесот, внимаваат на оксидацијата, температурата, времето на созревање. На Балканот генерално вината се многу млади, а на многу вина им е потребно време да созреат. Сега сме 2020, а доколку пиете добро црвено вино од 2018 година, тоа е многу младо, му треба повеќе време да созрее.

ON: Колку е важен начинот на кој се послужува виното и кои се основните грешки кои ги правиме?

Пол Балке: Една од грешките е што чашите се преполнуваат. Тие не треба да се толку полни. Се разбира добрата услуга во многу зависи од квалитетот на ресторанот, како и квалитетот на виното. Секако важна е големината на чашата, но и температурата на виното.

ON: Имате големо искуство како експерт за вино, новинар и писател. Сте посетиле многу вински региони во светот. Каде се прави најдобро вино?

Пол Балке: Не може да се каже. Има многу добри вина во светот. Условите се менуваат, не е само регионот Бордо, кој е исклучително ценет кај нас во Холандија. Важни новинари високо ги ценат вината на Балканот. Специјализиран англиски магазин ги препорачува Македонија, Романија и Хрватска како нова атрактивна винска дестинација која треба да се посети и истражи. Винскиот туризам веќе е атрактивен и привлекува многу луѓе кои имаат пари и сакаат добро да го поминат слободното време. Би било добро во охридскиот регион да има барем уште една до две винарии каде што туристите ќе можат да дегустираат вино. Охрид историски има добри лозја, има добро грозје и вино како Охридско црно и Памит, кои се одлични сорти и треба внимателно да ги чувате, затоа што луѓето од Македонија не очекуваат Шардоне или Мерло, нив ги имаат во целиот свет, но кога имате нешто посебно треба и да го истакнете. Охридскиот регион има многу добра континентална клима за правење вино, не е премногу ладно, ниту топло. Севкупно во Македонија има голем потенцијал, најмногу во Тиквешкиот регион, кој е исклучително важен, но охридскиот регион е посебен.

ON: Во неврзан разговор претходно спомнавте дека сте сретнале многу Македонци кои работат во винската индустрија во Европа?

Пол Балке: Италијанското вино Бароло во моментов е едно од најдобрите и најскапите во регионот. Најниската цена му е 50 евра, а голем дел чинат по 200 евра за шише. Голем дел од луѓето кои работат во винската индустрија во тој регион се од Македонија. Кога зборував со производителите на вино тие се задоволни од македонските работници, ова е важно затоа што во голем дел од Европа особено во Холандија никој не сака да работи на село. Запознав и еден производител на вино од Италија кој сака да инвестира во Македонија, кој знае можеби ќе се случи и тоа.

Г. Момироски
Фото: А. Момироска

Познатиот експерт за вино Пол Балке доаѓа во Охрид 

Винска едукација и гала вечера со Пол Балке