Кралицата на шансоните Тереза Кесовија и покрај годините изгледа одличнa и зрачи со позитивна енергија, шарм и елеганција. Оваа дама зад себе има 56-годишна успешна кариера и нема намера да се откаже од музиката и настапите пред својата публика која ја има од Вардар па се до Триглав. Со задоволство се потсетува на убавите времиња и сцената во поранешната држава, но и многу реално зборува за денешниот свет полн со насилство и омраза која ги заробува човечките умови. Во разговор со новинарите пред нaстапот на отворањето на ликовната колонија „Вевчански видувања“, вечерва во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани, Тереза Кесовија отворено зборува за убавините и вредностите во животот, за денешната музичка сцена, за кариерата и колегите, за нашиот Тоше за кого е уверена дека ќе го покореше светот доколку прерано не згаснеше неговиот живот. За себе скромно вели дека не се чувствува како ѕвезда, затоа што ѕвездите се на небото. 

OhridNews: Ќе настапите во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани на отворањето на исклучителен културен настан кој ја слави уметноста. Како се случи соработката што ги израдува вашите обожаватели во Македонија?

Tереза Кесовија: Па Вевчани е центар на светот! Тоа ми го кажа Ѓорѓи од „Виа игнација“, сега мој голем пријател, а јас му верувам. Ова место е прекрасно. Никогаш не сум била тука, прекрасна природа. Има нешто што ме потсетува на мојот роден крај. Додека патувавме кон Охрид кога се појави прекрасното езеро со сите тие планини, чувството е божествено. Вистински рај, навистина е убаво. Јас во животот не верувам во случајности. Добив еден меил во кој пишуваше дека еден господин кој во Вевчани има ресторан „Виа игнација“ каде организира ликовна колонија би сакал во рамки на нејзиното отворање да имам концерт. Тоа ме заинтригира и тогаш почнавме да се допишувавме. Tоа траеше извесно време, но еве ме стигнав и тоа со неверојатно чувство, бидејќи Ѓорѓи е неверојатен човек.

OhridNews: Публиката на овие простори се уште ве сака и вас и вашата музика. Каква е македонската публика?

Tереза Кесовија: Публиката ми е секаде иста, а македонската ми е многу мила. Доаѓав често во Македонија и во време на поранешната држава, го паметам се уште мојот настап во Скопје после страотниот земјотрес во штотуку отворената Универзална сала. Тоа беше мојот прв настап во Македонија воопшто. Боже колку години поминаа оттогаш, а се ми се чини дека не беше тоа толку одамна.

OhridNews: Животот некогаш и сега не е ист. Како гледате на сите овие промени кај нас и во светот?

Tереза Кесовија: Сите ние мислиме дека Америка е центар на светот, јас во тоа се помалку верувам и не верувам, затоа што кога ќе дојдете овде во овој крај се што ќе ви се понуди е природно, се е од градина, а не индустрија. Овој простор се уште е една оаза, чист простор кој е преубав. Новите генерации тешко го разбираат тоа затоа што не живееја во она време во поранешната држава кога владееше мир на овие простори, кога никој не размислуваше кој е кој, од која вера или нација е. Едноставно луѓето се сакаа и почитуваа, профитираа едни од други, она што го имаше Македонија го немаше Хрватска, она што го имаше Хрватска го немаа Србија, БиХ, но сите го имавме најдоброто. Не сакам да идеализирам, се разбира дека нема место на светот каде нема проблеми, но видете што се случува денес во светот. Не можете да отпатувате мирно никаде, во Париз, Лондон, Берлин или во малата Ница каде некој кретен со камион влета во толпа луѓе. Не разбирам каков ум може да го стори тоа? Ме загрижува тоа што повеќе не можеш мирно да одиш низ светот на одмор. Но уверена сум дека се уште има добри луѓе. Мислам дека мора повеќе да се сакаме, да се разбираме и да се толерираме.

OhridNews: Зад себе имате 56 години кариера, се уште изгледате прекрасно и полни сте со енергија. Минатата година имаше гласини дека се откажувате од концерти и настапи. Како гледате на денешната сцена?

Tереза Кесовија: Не, не се откажувам од музиката и настапите. Тоа беше еден вид на револт кој го искажав поради односот на мојата дискографска куќа кон мене. Доста ми е од издавање албуми само, цедето денеска е умрена работа, да не се залажуваме дискографија денес повеќе нема. А што има. Има некоја добра песна или ако не е добра песната интерпретаторот добро изгледа, па интерпретира така то ги покажува своите атрибути, бидејќи од глас нема ни Г, а од интерпретација ни И. Не знам навистина што се случува и затоа велам: Драги мои девојки убави сте, згодни, но сигурно имате слушнато дека постојат ноќни клубови со шипка во средина па таму виткајте се и покажувајте ги вашите атрибути ионака речиси не ги криете од јавноста.

OhridNews: Во светот на музиката денеска има хиперпродукција. Дали квантитетот носи квалитет?

Tереза Кесовија: Тоа би требало да биде правило, но квантитетот мора добро да биде избран за да создаде квалитет. Морам во оваа прилика да спомнам еден млад човек кој за жал на сите кои го познаваа не е веќе меѓу нас. Тоа е човек кој се појави од една мала Македонија и можеше да направи голема светска кариера. Кога мислам светска, навистина тоа го мислам. Тоа е Тоше Проески, Кога ќе се сетам на него ми навираат чувства. Прв пат го сретнав во Порторож и ја почуствував веднаш таа негова неверојатна енергија, шарм, таа негова чудесна боја на гласот. Го поканив да дојде во Дубровник на еден фестивал кој го водев тогаш и тој настапи таму. Потоа почна полека да се развива неговата кариера и тој бескрајно божји талент. Едноставно не можам да верувам дека веќе не е меѓу нас. Беше премлад за да умре. Мислам дека Македонија загуби некој кој и значеше многу, бидејќи тој беше чудесно хуман, беше извонреден човек. Каква е тоа проклета судбина. Има и други музички уметници од Македонија кои ми се драги, Нина Спирова со нејзината „Еден бакнеж“, Зафир Хаџиманов, чиј син исто така сега е музичар, прекрасната Калиопи која многу ја сакам и одам на нејзините концерти. Македонија има некаква јужњачка страст, еден темперамент кој е близок на медитеранскиот.

OhridNews: Долго сте на сцената, но денес живееме во друго време во кое музиката е голем бизнис, преку ноќ музичките шоуа создаваат ѕвезди. Се чувствувате ли вие како голема ѕвезда?

Tереза Кесовија: Не. Јас секогаш искрено за себе кажувам дека не се сметам за ѕвезда, затоа што ѕвездите се горе на небото. Едноставно сум човек кој живее на земјата, кому бог, судбината, гените му дале талент и тоа е тоа. Јас го работам тоа што го сакам. Така и ја почнав мојата музичка кариера. Јас сум човек кој го работи тоа што го сака. Љубовта кон музиката потоа ми се претвори во професија, но таа професија мене никогаш не престана да ми биде љубов и затоа јас тоа не го гледам на начин тој е ѕвезда, дива, јас не сум ни ѕвезда ни дива (боженствена), јас сум најобичен човек кој го работи тоа што го сака со цело срце и чувства кон луѓето. Затоа сакам да настапувам во мали простори каде можам да ги видам луѓето, нивните емоции, нивните погледи, бидејќи тие говорат многу.

Горан Момироски