Фудбалерите секогаш се главни ѕвезди во најважната споредна работа во светот – фудбалот, но и судиите знаат да остават белег кој долго време ќе живее во фудбалот. Охриѓанецот Жарко Тодоровски е еден од судиите кој со квалитетно и чесно делење на правдата се избори за заслужено место во историјата на македонскиот фудбал. Во текот на кариерата судел над 500 натпревари во Првата и Втората лига, а секогаш ја делел правдата одговорно и со иста страст без разлика во која конкуренција судел. Тодоровски, награден беше со признание за Спортска личност на годината од страна на OhridNews, кој традиционално на крајот од годината ги одбира најдобрите и најуспешните приказни во Охрид.

Тодоровски продолжил по стапките на татко му Никола Тодоровски, но виновник е покојниот Блаже Блажески, кој бил страв и трепет на теренот како судија и како личност во македонскиот фудбал.

Иако татко ми беше дел од Општинскиот фудбалски сојуз и дел од Судиската организација во Охрид главен виновник или иницијатор беше покојниот Блаже Блажески. Тој, буквално од дома ме зеде и ме одведе на стадион. Ги поминав потребните физички тестови, а потоа и теоретските и се стекнав со право за судење. Одма, викендот потоа почнав да судам и продолжив се до 26 мај 2019 година кога официјално заврши мојата судиска кариера поради возраста. – изјави Тодоровски.

 

Неговата судиска кариера заврши, но ќе продолжи биде дел од фудбалот како контролор. Задачата на контролорот е да ги оцени и советува судиите.

Во фудбалот се гледам и понатаму, бидејќи сакам на судиите од Охрид и целата земја да им го пренесам искуството стекнато на терените ширум Македонија. Ќе продолжам како контролор. Мојата задача како контролор ќе биде да оценувам судиите, а пред се да им помогнам да станат уште подобри судии. – рече спортската личност за 2019 година во Охрид.

Ситуации има многу, но најголем впечаток му остави гестот на Академија Пандев и Вардар на последниот официјален натпревар во Првата лига.

За издвојување вака на прва мисла ми доаѓаат мечевите во Куманово каде домаќини беа Милано и Башкими., секогаш беа тешки натпреварите во Тетово, Кичево и Штип. Инаку сакам многу да им се заблагодарам на Академија Пандев и Вардар кои на мојот последен меч во Првата лига ми подарија дресови и благодарници и ме испочитуваа многу мене и мојот колега кој исто така заврши со судење на тој натпревар. – истакна Тодоровски.

Викендите на Тодоровски после подолго време се мирни, но не крие дека му фали фудбалот и целиот набој кој го носи најпопуларната спортска игра во светот.

Мислев дека нема да фали и дека викендите ќе бидат мирни, но се излажав. Се додека не почна сезоната бев мирен, но откако започна видов дека судењето било дел од мојот живот и моето секојдневие. Ми фали, позитивната тензија пред натпреварите, притисокот во текот на мечевите, а најмногу анализите помеѓу нас судиите и средбите со фудбалерите и делењето на мислења со останатите чинители во фудбалот. – заврши поранешниот фудбалски арбитар.

Фото: OhridNews ги додели признанијата за најуспешни приказни во 2019 година

OhridNews