Вкупно 13 началници и командири на полициски станици се разрешени од нивните функции поради пропусти во работењето, информираше министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Од должноста ослободени се началникот на СВР Штип, Ѕвонко Каширски, командирите на полициските станици во Штип, Свети Николе, Виница, Крива Паланка, Берово, Пехчево, Делчево и Македонска Каменица, началникот на криминалистичката полиција од Штип, началникот на УБК од Кочани и раководителот на одделението за криминалистички работи во Кочани.

„Би сакала да им порачам на сите оние што мислат дека ќе се затскријат зад некоја политичка припадност, професија или нивен ангажман во некоја институција, доколку има такви, дека ништо неможе да им помогне доколку направиле кривично дело, ќе одговараат и сите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Јанкулоска.

На местото на Каширски времено е назначен Момчило Сталетовиќ, кој доаѓа од Бирото за јавна безбедност.

Разрешувањата доаѓаат по стартот на полициската акција „Детонатор“ во која беа приведени неколку десетици лица поради кражби, рекет, насилство и други криминални активности.

OhridNews
извор: Makfaks