„Развој на рурален туризам“ е насловот на проектот што ќе биде промовиран денеска на Факултетот  за Туризам  во Охрид. Овој проект кој Локалната Агенција за Развој од Струга  ќе го имплементира  во соработка со Израелската агенција за интернационална соработка и развој (МАШАВ) има за цел да се помогне развојот на руралниот туризам, преку пренесување на искуства и знаења од Израел.

-Станува збор за успешна локална граѓанска иницијатива која произлезе од реалната потреба на регионот за развој на руралниот туризам. Иницијативата ја покрена нашата граѓанска организација и истата наиде на голема поддршка и разбирање од Амбасадорот на  Израел во Македонија, Давид Коен.  После опсежните истражувања, беше одлучено како прва активност во овој проект да биде одржување на обука за тренери за развој на рурален туризам. Предавачи ќе бидат експерти од Израел, а нашата организација ќе се грижи за логистиката на настанот и избор на учесниците, објаснуваат  од ЛАР, Струга.

Од таму нагласуваат дека овој проект е дел од стратешките приоритети на Македонија за развој на руралните средини  и е прв проект кој вклучува голем број локални и регионални организации во остварување на заедничка цел за развојот на регионот.

На промоцијата на проектот ќе присуствуваат Виктор Мизрахи, почесен конзул на Израел во Македонија, Проф. Др Сашо Коруновски , Декан на Факултет за Туризам  во Охрид, Аница Палацо,  Координатор на Регионалната Програма, Германско Друштво за Меѓународна Соработка (ГИЗ РЕД  и Мирјана Лозаноска, Директор на Центар за Развој на Југозападен Плански Регион.

OhridNews