Со убедлив триумф на Охрид 28-10 во Струга заврши првата пресметката помеѓу лутите ривали покрај Охридското езеро. „Гладијаторите“, во целост ја оправдаа фаворитската улога и со тимска игра ги совладаа стружани како ретко кој до сега во поновата историја.

Јагош Брауновиќ (РК Охрид) – Победата во „Езерското“ дерби им ја посветувам навивачите, бидејќи тие живеат за овој клуб. Лично знам што значат за навивачите дерби средбите со Струга и затоа многу ми е мило што успеавме да победиме и да ја продолжиме позитивната серија во Супер лигата. За мојата форма која е во нагорна линија се заслужни сите во клубот. Одбраната игра многу добро и тогаш мојата работа е многу полесна затоа што шутевите се под притисокот, пасивен напад или пак по фаул.

Слободан Новаковиќ (РК Струга) – Ние сме многу млада екипа и неискусна за вакви дерби натпревари. Сакавме да се покажаме во што подобро светло, но изгоревме во желбата а и рака на срце имавме далеку поквалитетен ривал на спротивната страна. Струга мора да продолжи понатаму, да се екипира и да се исправи пред новите предизвици.

Иван Тасески (РК Охрид) – Влеговме во натпреварот максимално фокусирано без потценување и калкулации и оваа победа со двоцифрена разлика е награда за сето тоа. За разлика од минатата сезона, годинава квалитетот потполно е на наша страна. Фаворитската улога ја прифативме и ја оправдавме и продолжуваме понатаму. Им честитам на „Рибарите“ за бројката и навивањето и заедно со струшките навивачи приредија незаборавен амбиент.

Наум Танески (РК Струга) – Ние го одигравме најлошиот натпревар откако јас сум на клупата. Штета што се погоди момците да одиграат слабо баш против Охрид кога сите најмногу посакуваме добра игра и победа секако. Морам да го пофалам голманот на Охрид Брауновиќ кој не отпиша уште во 10-та минута со серија интервенции. Охрид е квалитетен и мислам дека пласманот во плејофот му е загарантиран а сакам да се борат за излез во Европа. 

Раде Стојановиќ (РК Охрид) – Најавив и пред натпреварот дека во никој случај нема да ја потцениме Струга и ќе играме без да мислиме на табелата или фаворитската улога. Момците одиграа многу професионално слушајќи ги моите совети и сакам да им честитам за победата и играта. Сакам да им се заблагодарам на „Рибарите“ за атмосферата и навивањето и за ветарот во грб кои ни го даваат оваа сезона. Во првите седум рунди од шампионатот во голем дел ги остваривме нашите цели можеме на некој начин да издишеме. Сега ни следуваат нови предизвици на кои ќе треба да одговориме уште подобро и појако.

Мх.П.

Обновено: Моќна победа на Охрид во „Езерското“ дерби!