Првата епизода од двете „езерски“ пресметки во Супер лигата им припадна на охриѓани. „Гладијаторите“  со 26-23 извојуваа триумф над струшките ракометари во еден од најдобрите мечеви во македонскиот ракомет последниве години. Дербито го оправда епитетот, а најголеми заслуги имаат навивачите од двата табори и публиката во „Билјанини Извори“.

Крсте Андоноски (РК Охрид) – Ваква атмосфера нема никаде моментално, а и вакви дерби средби исто така можам да кажам. Ова беше празник за ракометот и за спортот во Охрид и Струга. Публиката маестрална, за „Рибарите“ немам зборови. Не поддржаа не тренинг, по улици и нивната улога во оваа победа е голема. Мечот поради значењето го започнавме во грч, но како што одминуваше времето игравме се подобро и подобро и на крајот можам да заклучам дека заслужено го добивме мечот.

Андон Бошкоски (РК Струга) – Во моите 15 години како ракометен тренер ова дерби исполнето со фантастична атмосфера и добар ракомет можам да го издвојам како најдобро нешто. Едноставно секој кој беше во салата уживаше и можеше да проследи борбен ракомет до последната минута. Моите играчи со неколку технички грешки кои не се дозволиви за ваков меч потклекнаа на притисокот, а екипа како Охрид максимално го искористи. Овој пораз нема ништо да ни наруши, туку ќе не мотивира да работите уште понапорно.

Славиша Димитријески (РК Охрид) – Очекував добра атмосфера, но ваква каква што ни приредија навивачите и гледачите искрено ќе одговорам не. Публиката ни беше ветар во грб во текот на сите 60 минути. И кога игравме лошо и брзоплето навиваа, а кога презедовме водството поддршката нивна си го направи своето и го решивме мечот. Оваа победа ќе ни значи многу, а сигурен сум и на навивачите и гледачите. Од се` срце им благодарам !

Александар Стојаноски (РК Струга) – Атмосферата беше фантастична, а ние на теренот дадовме се од себе. Сакам да му честитам на мојот поранешн клуб и да му посакам среќа понатаму. Јас лично подготвен бев за ваква пеколна атмосфера која ми даде само мотив и желба за подобра престава. Охрид го доби мечот на искуство во последните десеттина минути. Ние продолжуваме понатаму и на дербито покажавме дека работиме добро и дека се движиме во посакуваниот правец.

Мартин Јовановски (РК Охрид) – Голем набој имаше пред дербито и во текот на мечот, но ние влеговме со бистри глави. И кога имавме негатива не паничевме и не потклекнавме, туку стрпливо ја чекавме нашата шанса и ја искористивме. Низ тренинзи и анализи со Брауновиќ добро ги простудиравме акциите и ударите на стружани и тоа многу ни помогна во самата средба. Сакам да им се заблагодарам на навивачите, гледачи и на сите други присутни во салата за фер и коректното навивање.

„Гладијаторска“ победа на Охрид во „Езерското“ дерби со Струга !

Мх.П.
Фото: Емилио и Мега Продукција