Ракометарите на Охрид со триумф ја заокружија првата фаза од Супер лигата. Охриѓани на домашен терен со 32-27 го совладаа Металург 2 и ја забележаа седмата победа во деветтиот натпревар сезонава. „Гладијаторите“ доминираа од почетокот до крајот и заслужено додадоа нови три бодови на табелата.

Мартин Ивановски (Охрид) – Имавме прилика уште еднаш да се покажеме и докажеме пред охридската публика. Ми се чини дека максимално ја искористивме шансата и успешно ги заменавме ракометарите кои го носат товарот во текот на сезоната. Моја задача е секогаш кога ќе добијам прилика да ја искористам и да покажам дека заслужувам да биде дел од овој клуб. 

Игор Котевски (Металург 2) – Натпреварот беше добар и убав за гледање и се надевам дека ја задоволивме охридската публика која заслужува честитки. Квалитетот несомнено е на страна на Охрид а ние одигравме со сите свои сили. Пех ни се случи на почетокот од мечот кога се повреди Гајиќ а потоа црвен картон доби и Стојановиќ што е премногу за екипа како нас. Јас сум задоволен од момците кои се иднина на македонскиот ракомет.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Победивме и ги зачувавме силите и можам да кажам дека целта ја исполнавме. Ротиравме во составот се со цел да се одмориме и максимално добро подготвиме за неделниот натпревар. Ракометарите си ги исполнија задачите и задоволен сум од сите кои добија прилика вклучувајќи и го Михаил Иваноски.

Мх.П.

„Гладијаторите“ победија и ја остварија целта против Металург 2