Постот без победа на охридските фудбалери во Втората лига заврши, откако „рибарите“ со минимални 1-0 го совладаа Скопје на домашен терен. Охриѓани до сефте триумф во второлигашката конкуренција стигнаа со погодокот на Игор Клекчароски од пенал во 88-та минута.

Игор Клечкароски (Охрид) – Победата е многу значајна за бодовите и за атмосферата во екипата. Време беше да победиме и да ја израдуваме публиката. Исто така време беше да постигнам погодок и да го „скршам“ малерот кој ме пратеше. После овој триумф не смееме да се опуштиме, туку уште повеќе да тренираме и да откинеме некој бод на следните гостувања.

Љупчо Маркоски (Скопје) – Имавме идеални услови за игра и добар прием од домаќинот. Во текот на целиот натпревар игравме добро и едно невнимание во финишот не чинеше пораз. Најреален резултат ќе беше 0-0, но затоа фудбалот е интересен. Вината за овој пораз во Охрид и претходниве два со идентичен резултат мора да ја бараме исклучиво во нападот кој не е на нивото. Во првите четири рунди беше супер и се идеално, но сега не е и тоа мора да го промениме.

Гоце Толески (Охрид) – Мораше и требаше да победиме. Бодовите ни беа повеќе од потребни. Во првото полувреме игравме многу добро, додека во вториот малце затаивме особено во нападот. Псилошки ние сме оптоварени цело време, бидејќи ни требаат бодовите за опстанок. Момците одиграа храбро и ја заслужија оваа радост. Во следните натпревари не очекуваат тешки гостувања, но ние немаме избор освен да одиме по бодови.

Мх.П.

Конечно, Охрид победи во Втората лига!