Фудбалерите на Охрид претрпеа висок пораз (5-1) во регионалното дерби со Пелистер и не успеаја да го изенадат аспирантот за висок пласман на табелата. „Рибарите“, одиграа слабо и под нивото а „пелистерци“ покажаа квалитет и заслужено со трите бодови заминаа од Охрид.

Дарко Крстевски (Пелистер) – Очекував многу потежок натпревар. Најави имаше доста, навивачите посебно се мобилизираа и очекував отпор од домашниот состав. Ние одигравме како што треба и заличуваме на она што сакаме да бидеме во Втората лига. Можам да кажам дека целта во првите четири рунди ја остваривме, бидејќи верувајте најдоброто од нас допрва доаѓа. 

Марино Маркоски (Охрид) – На загревањето пред самиот почеток на натпреварот се соочивме со проблем поради повреда на Бевко Вренцоски и моравме да менуваме во формацијата. Потоа, во текот на игра се повреди и Наум Вељаноски и тоа претставуваше проблем. Факт е дека одигравме слабо и мора да тренираме напорно да ги поправиме грешките и да го освоиме првиот бод на табелата. За нас секој следен меч ќе биде финале, затоа што голем дел од џокерите ги потрошивме. 

Борче Маневски (Пелистер) – Имаше некој мал позитивен притисок но и тоа е составен дел од спортот. Добро го отворивме натпреварот и постигнавме погодок во раната фаза. Се најдов на вистинско место и мило ми е што успеав да му помогнам на екипата да стигне до победа. После водечкиот гол се беше полесно да се игра затоа што и домаќините се отворија. Бодовите на гостински терен вредат многу, но мора да се победува на домашен терен.

OhridNews

Убедлив пораз на Охрид