По објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на ЈП Охридски комуналец, со реакции се јавија политичките партии од опозицијата. Тие ги критикуваат состојбите, посочувајќи ги проблемите во работата на претријатието кое треба да е сервис на грашаните.
Граѓаните на Охрид имаат право да знаат за сериозните злоупотреби, финансиска недисциплина и нефункционално управување со јавното претпријатие „Охридски комуналец“, вели претседателот на ОО СДСМ Асен Шајн. Повикувајќи се на извештајот од Државниот завод за ревизија, но и на инсајдерски информации тој обвини за бројни пропусти. Посочи на нерационална потрошувачка на гориво за возила и механизација, обвинувајќи дека за половен булдожер кој работел само три месеци, биле потрошени речиси 991.000 денари (околу 16.000 литри дизел), за што според него немало техничка или правна оправданост. Тој обвини и за прекумерни трошоци за сервисирање возила, селективна исплата на плати и лоша кадровска политика.
Во моментот, податоците велат дека 30 работни места се пополнети со лица со понизок степен на стручна подготовка од она што го бара систематизацијата, со што директно се нарушува ефикасноста и законитоста на работењето. Цените на услугите се зголемени за 40 отсто. И покрај превработеноста во претпријатието, истото работи со загуба и континуирано имаме град кој е нечист, валкан, полн со ѓубре и непријатна миризба, вели Шајн.
Реагираше и партијата Левица.
Имено, во ова јавно претпријатие кое 18 години работи со блокирана сметка, за неиспраавни возила се потрошени приближно 27.000 литри дизел гориво и за неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција се потрошени 10.000 литри дизел гориво. Дополнително, повеќе пати во кратки временски периоди се требувани и исти резервни делови за исто возило, без соодветна документација и без налози за извршениот сервис на возилата, велат од Левица.
Од ЈП Охридски Комуналец во изјава за Тв 24 Вести ги отфрлија наводите на Државниот ревизор кои се однесуваат на несоодветно точење гориво, односно дека претпријатието книжело точење на дизел-гориво и во возила кои се неисправни. Тврдат дека имаат и документација за таквото тврдење, но дека ревизорите од нејасни причини не ја зеле предвид.
Државниот завод за ревизија, пак, со соопштение за јавност ги отфрли ваквите обвинувања и останува на изнесеното во објавениот извештај за работата на ЈП Охридски Комуналец за 2023 година во кој се наведува дека претпријатието повеќе од 18 години континуирано работи со блокирана сметка, а ревизорите утврдиле и сериозни неправилности во финансиското и оперативно работење, со значителен раст на обврските и несоодветно користење на нафтените деривати.
OhridNews