– Вознемирен сум од оваа деструкција што се прави во Охрид со сечењето на дрвата. Секој ден се намалуваат зелените површини. Во Охрид веќе нема убаво и мирно место. Охрид веќе не е убав град. Каде се еколошките здруженија да реагираат, зошто не реагираат граѓаните, зошто се молчи? Што треба да се случи за да реагираме? Каде е Министерството за заштита на животната средина? Има ли глас да се дигне против оваа деструкција?, стои во дел од реакцијата испратена до редакцијата на OhridNews од наш сограѓанин. Тој во дописот ја потенцира значајната улога на дрвата како природни пречистувачи на воздухот и нивната улога при заштитата од бучавата.
Во врска со сечењето на липите, на вчерашната седница на советот, беше побарана информација од локалната самоуправа од страна на координаторот на советничката група од ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски, кој истакна дека јавноста е вознемирена поради ваквиот чекор на локалната.
Од страна на претставникот од општина Охрид, Зоран Шикалески, беше објаснето дека реконструкцијата на дрворедите следува по извршена анализа од страна на стручните лица и по добиената подршка на организираната јавна дебата, одржана во месец март годинава, на која учествуваа претставници и од јавните претпријатија, експерти и екологисти.
Како што истакна градоначалникот Алексанадар Петрески, реконструкцијата на дрворедите била неопходна поради оштетувањата врз тротоарите, подземните водоводни цевки, предизвикани од корењата на дрвата, како и поради лепливата материја која ја испуштаат садниците од липи. – Секоја новина во почетокот, најчесто не се прифаќа од страна на граѓаните, кои подоцна ќе можат и самите да се уверат во бенефитот од направениот зафат, рече Петрески.
Според најавите на локалната самоуправа, во рамки на проектот предвидено е да се отстранат вкупно 53 садници липа од улицата Димитар Влахов, на чие место ќе бидат засадени нови вкупно 80 садници Лигуструм. Дел од нив беа засадени минатиот месец, на просторот пред охридската Гимназија. Според најавите, по завршување на овој зафат ќе следат и други активности за целосна реконструкција на улицата „ Димитар Влахов“, а реконструкцијата на дрворедите ќе продолжи на улицата Македонски просветители.