Не престануваат реакциите во јавноста по објавувањето на информацијата на Министерството за транспорт и врски за изгрaдба на аеродром на вода на Охридското Езеро. Според стручната јавност, ваквата идеа е погрешна и ќе предизвика сериозни последици врз живиот свет.

-Оваа идеа за изградба на аеродром на Охридското Езеро е залутана. Станува збор за уникатно езеро кое мора да се чува од сите аспекти. Какви авиони и да слетуваат, без оглед што хидроавионите се мали летата, ќе се изврши одреден притосок на овој акватичен еко систем. Прво ќе се таложат одредени количини енергенси во водата независни какво гориво користат тие авиони. Второ, самата бучава ќе предизвикува стрес на живиот свет и трето, имајќи ја предвид  површината на езерото, ќе се изврши притисок со кој се ограничува слободата на движење на другите учесници во водниот сообраќај, изјави проф. Д-р Здравско Крстаноски, научен работник во Хидробиолошкиот завод Охрид.

Крстаноски посочува дека наместо да се размислува за вакви идеи енергијата треба да се наочи кон воведување мерки за ослободување на Охридското Езеро од големиот притосок кој го вршат пловните објекти и другите активности на човекот.

-Треба да се залагаме Охридското Езеро, имајќи го предвид неговото големо значење, да се ослободи од пловни објекти кои користат горива и тоа да стане езеро на едрилици и на кајчиња кои ќе се движат со човечка сила.-додава Крстаноски.

Тој посочува дека Охридското Езеро е значајно како резервоар за вода за пиење и е природно живеалиште на ендемски видови флора и фауна и дека идејата за изградба на аеродром на вода е многу сложен проект за да може да се реалзира само така. За тоа, подвлекува Д-р Крстаноски, е потребно да се направат сериозни научни и еколошки анализи.

Загриженост околу идејата за изградба на аеродром на вода на Охридското Езеро изрази и Локалната самоуправа, од каде најавуваат дека идната недела ќе биде свикана итна седница на Советот на која ќе се расправа по ова прашање.