Одлуката за именување на Елизабета Јанкуловска за нов директор на фестивалот Охридско лето предизвика сомнежи кај дел од политичките партии и локалната самоуправа за, како што се наведува во реакциите, намерите на Министерството за култура.– Со изборот на Елизабета Јанкуловска, Владата уште еднаш покажа дека нема никаков интерес за Охрид. Се покажа дека сите игри околу изборот на директор на фестивалот беа само параван за крајната цел т.е. избор на директор кој не е охриѓанец, а во иднина најверојатно и селење на дирекцијата на фестивалот во Скопје. Тогаш „Охридско лето“ нека се одржува во Скопје, во новите барокни зданија! Или пак Владата носи “стручњак” од Скопје за да ги расчисти состојбите со фестивалот, веројатно слично како и со “стручњакот” Зоран Трајчески кој го донесе на неколку месеци во ЕМО – Охрид и јавноста многу добро знае како ги среди состојбите. Се прашува ли некој колку народни пари ќе чини директорувањето на директор од Скопје во Охрид?!, стои во реакцијата на општинската ВМРО- Народна партија.
Оттаму сметаат дека станува збор за уште еден пораз на раководните лица во општинскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ во Охрид.
Реакциите на изборот на новиот директор на НУ фестивал „Охридско лето“, пристигнаа и од Локалната самоуправа.
– По неколкуте неуспешни конкурси за директор на најеминентната културна манифестација во Македонија, на кои се пријавија триесетина охриѓани , со изборот на директор од Скопје , се потврдија сомневањата дека министерката Елизабета Канческа- Милевска и нејзината партија ВМРО- ДПМНЕ, сакаат после 52 години, дирекцијата на фестивалот „ Охридско лето“ да ја преселаат во Скопје, стои во реакцијата испратена од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески во врска со изборот на Елизабета Јанкуловска за директор на фестивалот.
Во реакцијата се наведува дека ваквата одлука е навреда за охридските канидати, кои понудиле квалитетни програми за раководење со фестивалот , но и за Локалната самоуправа , која секојдневно е на удар на централната власт на ВМРО- ДПМНЕ која очигледно работи против интересите на Охрид.











