ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш покажа дека не ја почитува антифашистичката борба, борците од НОБ и државниот празник 11 Октомври. На свечената седница во Советот на општина Охрид, по повод државниот празник, градоначалникот Никола Бакрачевски не ги поздрави присутните борци од НОБ и ја напушти седницата за време на обраќањето на претседателот на Здружението на борците. Седницата ја напуштија и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и пратеникот Сашо Василески, се вели во соопштението на општинската СДСМ во врска со денешната свечена седница по повод 11 октомври.

„Ова е показател за игнорантскиот и понижувачки однос на ВМРО-ДПМНЕ кон оние коишто се бореа за Македонија и кон оние кои ги дадоа животите за нејзината слобода. ВМРО-ДПМНЕ го омаловажува придонесот на борците од НОБ за Македонија и не ја почитува историјата на македонскиот народ.“ – велат од СДСМ.

Оттаму бараат градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ да се извинат на борците од НОБ и граѓаните на општина Охрид.
 
Реакција на општина Охрид

СДСМ – Охрид и натаму продолжува со интриги, местенки, сплеткарења и подлости од најнизок вид со кои упорно безуспешно се обидува да се реанимира на политичката сцена бидејќи нема програма. Небулозно е тврдењето на оваа партија дека градоначалникот Бакрачески не ги поздравил борците, бидејќи целата јавност заедно со борците го слушаа говорот на градоначалникот со кои беа поздравени.“ – се наведува во реакцијата на општина Охрид.

„Очигледно говорот не го слушнало највисокото раководство на СДСМ – Охрид и нивните избрани советници во Советот, бидејќи елитата од СДСМ не ги удостои борците и големиот празник 11 Октомври  со нивно присуство. Токму оваа елита која го игнорира празникот треба да се извини на борците за игнорирањето кон оние кои се бореа за слободата и устоличувањето на елитата од СДСМ на функции кој ги ползуваа 50 години, а денес ги игнорираат борците и големиот празник.“ – велат од општина Охрид.

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ

Фактот што   СДСМ со соопштениејавно гооправда партизираното обраќање на претседателот на Сојузот на борци Гоце Горгиески по повод Денот на македонското востание   е доволен повод да констатираме дека оваа партија е незрел политички субјект кој не ги почитува националните празници и со чинот со кој истите ги партизира директно ги навредува граѓаните на Република Македонија, се наведува во реакцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид во врска со соопштението на општинската СДСМ.

 „ВМРО- ДПМНЕ изразува жалење што СДСМ не го разбрала или сфатила обраќањето на градоначалникот Никола Бакрачески кој директно им се обрати и ги поздрави борците- учесници во народно ослободителната борба, но притоа во ниту еден случај настанот не го политизира и заедно со останатите присутни ја проследи целата културно- уметничка програма.Денес се поставува прашањето, дали станува збор за синхронизиран настап меѓу СДСМ и претседателот на Сојузот на Борците Гоце Горгиески кој за политички цели ја злоупотреби јавната говорница!? “ – велат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

OhridNews