По повод вчерашната прес-конференција на членот на управниот одбор на ЈУ Национален парк „Галичица“, Ванчо Косотоски, во која тој изнесе низа обвинувања,  со реакција  се огласи директорот на оваа јавна установа, Зоран Ангеловски. Во реакцијата се вели:

„Со какви намери и по чиј налог постапува Костоски не ни е познато, но сакам да укажеме на она што е вистина за нашето работење.

Точно е тоа дека претходната Влада на СДСМ, предводена од Владо Бучковски, го одзеде од владение на Паркот земјиштето во Св. Наум. Но, исто така, и точно е дека оваа Влада прави напор истото земјиште институционално и на законит начин го врати повторно на владение на Паркот.Го потсетуваме Костоски дека станува збор за државно земјиште кое е во сопственост на Република Македонија. По однос на тоа што и како ќе прави Паркот со истото, доколку го добие повторно во владение ја користиме можноста да ја информираме јавноста дека се работи за деловен проект на Јавната Установа Национален парк “Галичица“. Проектот јавно ќе биде промовиран оној момент кога ќе се создадат сите услови за негова реализација.

Како што самиот Костоски укажува, оваа Влада веќе отпочна постапка за враќање, со тоа што ресорното министерство даде позитивно мислење за нашето барање за враќање на земјиштето во владение на Националниот парк “Галичица“.

“Незаконитото работење“, кое го видел Костоски во вработувањата што се реализирале во ЈУ НП “Галичица“ е исто така ноторна лага, бидејќи истите се направени по добиена согласност од Министерството за финансии, со претходно обезбедени средства во буџетот на Паркот и по пат на јавен оглас, согласно законите.

Нема дилема, г-дине Костоски – ЈУ НП “Галичица“ ќе прави финансиска ревизија согласно Програмата за работа, но истата е планирана за месец февруари 2009-та година. Управниот одбор, во кој и Вие членувате, ценејќи го фактот дека преранетата ревизија што ја бараше е грешка од повеќе аспекти, сам ја преиначи одлуката, согледувајќи дека таа ќе биде направена за наредни неколку месеци.

И за крај – г-дине Костоски! Ние како ЈУ НП “Галичица“ не сме работодавач на г-динот Ставрески и немаме увид во неговото работно време. Доколку сакате да се информирате за неговата агенда и работното време, Ве упатуваме да се јавите во кабинетот на Вицепремиерот г-дин Зоран Ставрески“, стои во соопштението од директорот на Националниот парк „Галичица “, Зоран Ангеловски.