Здружението на новинарите на Македонија го осуди однесувањето на европратеникот Јоргос Шацимакакис, кој вчера во Брисел на дебата за состојбата на медиумите во Македонија организирана во Европскиот парламент навреди македонски новинари со погрдни зборови и се огради од однесувањето на македонските претставници.

– Сметаме дека европратеникот Шацимаркакис треба да се однесува со почит кон македонските новинари како што се однесува кон секој европски новинар. Исто така, ЗНМ потенцира дека и македонските новинари треба да се однесуваат согласно етичките стандарди на  Кодексот на новинарите, стои во реакцијата.

Според Здружението, наместо да дебатираат за состојбите во новинарството две групи новинари се обиделе да ја дисквалификуваат работата и активностите на ЗНМ, водени од како што се посочува, лични и други интереси спротивни на интересите на новинарите во Македонија и да претстави во јавноста погрешна слика.

ЗНМ смета дека проблемите новинарите треба да ги решават во Македонија, а меѓународните институции можат да го помогнат процесот.

– Најдобар начин да се решат проблемите е да продолжи започнатиот дијалог меѓу ЗНМ и другите професионални здруженија со државните институции, се вели во реакцијата на Здружение на новинарите на Македонија.

OhridNews