Вчерашната изјава на кандидатот за член во советот на општина Охрид од Сојузот за иднината, Оливија Пирузева Јанева, дека е жално што 150.000 книжен фонд секој ден пропаѓа и скапува во пакети во 150 метри квадратни простор во охридската библиотека, од страна на директорката на библиотеката „Григор Прличев“, Александра Белеска, се оценува како лага и манипулација со јавноста.

– За да не манипулирате со јавноста морам да кажам некои основни работи. Госпоѓо Јанева, комплетниот книжен фонд на библитеката е уредно поставен на полици и среден според одредени библиотечни прописи, а не во пакети како што вчера јавно кажавте. Ве молам воздржувајте се од јавно изнесување невистини, затоа што неколку години сите книги се заштитени преку проект на Министерството за Култура, вели директорката Белеска.

Во својата реакција Белеска потенцира дека наспроти тврдењата на Јанева дека библиотечниот фонд е сместен на простор од 150 метри квадратни, според  имотниот лист квадратурата на просторот  воопшто не кореспондира со онаа изнесената од страна на Јанева.

– Просторниот проблем во библиотеката госпоѓо Јанева навистина постои, но тој датира многу одамна уште од 2005-та година, кога со Одлука на тогашната Влада на Република Македонија донесено е решение за уривање на старата зграда во која беше сместена библиотеката. Оригиналот од оваа одлука постои во библиотека, и истата е потпишана од тогашниот премиер Владо Бучкоски, премиер на тогашната Влада на СДСМ.     Ве молам кога јавно говорите за некоја институција потпирајте се на факти, не кажувајте нешто само колку да кажете, се наведува во реакцијата на Белеска.

OhridNews