Ние вработените од ОСУ Св. “Климент Охридски” – Охрид чувствуваме потреба во име на вистината да ги изнесеме нашите ставови и гледишта по однос на актуелниот штрајк на просветните работници што се случува во нашата држава :
    
Во однос на нашите барања прво и основно е подигање на општествениот углед на вработените кој за жал овие денови преку вас медиумите е комплетно нарушен. Тој наш углед е ставен под знак на прашалник заради нашите барања кој се базираат на ставовите кои ги изнесе СОНК. Но, не е проблемот во нашите плати придонеси и нешто друго, туку е во тоа што е направен обид од страна на државата крајно да не маргинализира. Ја прашуваме владата, ако немаме успеси од каде доаѓаат тие? Кој нив ги образувал? Зошто наеднаш не сме добри? Ние сме оние кој според Владата “ бараме преку леб погача”. Не е точно. Ние бараме да се почитува нашето човечко и професионално достоинство.

Никој на овој свет во оваа демократска Европа, на ваков начин со ваков однос не се обидел да го уништи тоа што сме ние. А ние сме само обични луѓе, со човечки доблести и маани, но никој, баш никој нема право да не навредува.

Ние сме горди на својата професија!! И во што е тука нашата вина?
     
 Ако се знае дека 30 насто од нашите колеги работат со месечни договори по 4-5 години, тогаш станува јасно дека е нарушен дигнитетот и достоинството на просветниот работник. И тоа нарушување се продлабочува со до сега невидени притисоци преку пратеници, колеги, ученици , родители  со  диктирани и условени однесувања и давање неточни  медиумски изјави со цел да се прекине штрајкот.

И покрај тоа вработените од ОСУ Св. “Климент Охридски” остануваат доследни на своите морални и професионални принципи во исчекување на одлуките на СОНК, којшто во овие тешки услови е единствен бранител на нашите потреби и чувства.

Од вработените во Општинското средно училиште Св. “Климент Охридски”- Охрид