Новото советничко мнозинство и градоначалникот на координацијата одржана викендов не се договориле  околу зголемувањето на општинскиот буџет чија реализација е неизвесна.
 
Новото советничко мнозинство нема намера да ја промени одлуката за зголемување на општинскиот буџет за 99 милиони денари, како што бара Петрески кој смета дека вака донесениот буџет е незаконски и не може да се реализира.


Петрески одбива да го потпише буџетот

Тој очекува  Советот најитно да одржи вонредна седница и да ја промени донесената одлука, во спротивно тоа  ќе значи целосна блокада на работата на општината, а во прашање ќе биде доведено и  греењето во училиштата, рече Петрески.
 
Новото советничко мнозинство останува на ставот дека зголемувањето на буџетот нема  дополнително да ги оптовари граѓаните и стопанството, и дека предвидените средства можат да се соберат со поголема ажурност на општинската администрација.


Нови ветришта дуваат во Советот

Новото советничко мнозинство  признава дека зголемениот  буџет има техничка грешка за што велат дека се спремни да разговараат, но не и за намалување на буџетот. Петрески одбива да ја потпише одлуката за реализација на буџетот кој со зголемувањето сега изнесува 452.300.000 денари , со што процедурата најверојатно одново ќе биде вратена во Советот.

Доколку Петрески во предвидениот рок од 15 дена не ја потпише одлуката за реализација на буџетот, постапката се враќа во Советот, кој доколку ја потврди претходно донесената одлука, градоначалникот ќе мора да ја почитува.

Горан Момироски