Со традиционален поздрав со воден мост, утрово, „ТАВ Македонија“ посака добредојде на првиот лет од Прага до аеродромот „Александар Велики“ со што, по пауза од четири години, заедно со „Чех ерлајнс“ се обнови редовната линија меѓу Скопје и главниот чешки град. Авионот во три часот замина за Прага и на тој начин беше реализиран и првиот повратен лет помеѓу двете дестинации. Освен редовно закажаните услуги, „Чех“ исто така, ќе ги обнови своите активности и во сегментот за чартер-превоз на македонскиот пазар. Почнувајќи од 1 јули се до 9 септември, компанијата секој петок, ќе овозможи чартер-летови за „АСА тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит. Оваа активност ќе се реализира поврзано со летовите Скопје – Прага.

„Чех ерлајнс“ ќе лета до Прага од Скопје секој понеделник и петок во раните утрински часови, во 3:30 часот. Стартувајќи од 29 јуни, компанијата ќе додаде уште еден термин на рутата, во среда од 4:10 локално време, со што фреквенцијата ќе се зголеми на три лета неделно меѓу двата града и огромен број поврзани летови до други дестинации од чешкиот главен град.
 
Повратните летови ќе заминуваат од Прага секој четврток и недела навечер, во 22:25 по локално време и ќе пристигнуваат во Скопје по полноќ. Почнувајќи од 28 јуни, превозникот ќе додаде и термин во вторник, којшто ќе полетува од Прага во истото време, во 22:25.  Летовите ќе се реализираат со модерно летало „Ербас А319“ со капацитет од 144 седишта од бизнис и економската конфигурација за време на главната летна сезона, додека побавните периоди линијата ќе ја опслужува авион со турбо пропелери од типот „АТР 72-500“ чијшто капацитет е 70 патници. „Чех“ планира услугата да функционира во текот на целата година.

Цената на билетите во еден правец од Скопје до Прага почнува од 75 евра, додека повратните ќе можат да се купат од 144 евра, со сите вклучени такси. Тие можат да се купат од веб-страницата на компанијата – www.czechairlines.com – како и преку туристичките агенции, продавниците за билети или други места за онлајн-продажба. Како дополнување на враќањето на македонскиот пазар, „Чех ерлајнс“ воспостави и ново место за продажба на билети во центарот на Скопје, во соработка со туристичката агенција „Атлас корпорејшн“.

Во рамки на цената на билетите е вклучен и бесплатен транспорт на едно парче кабински багаж од осум килограми и еден чекиран багаж од максимум 15 килограми. За летовите до Прага патниците можат удобно и бесплатно да се чекираат директно на шалтерите на аеродромите или да ја користат опцијата за онлајн-чекирање, што може да се реализира и 36 часа пред закажаниот термин за полетување. Овој тип на чекирање е достапен преку интернет-сајтот на компанијата, www.czechairlines.com, преку смартфони и од апликацијата на превозникот, која што е достапна за сите основни оперативни системи – „Иос“, „Андроид„ и „Виндоус“. Возможна е промена на веќе издадени билети, набавка на дополнителни услуги, како избор на седишта, подобрување на менито, поголем багаж, преку апликацијта „Мај букингс“, достапна на веб-страницата на „Чех“.

OhridNews