Од вкупно 141 возило од јавниот превоз кои МВР во 2018 година ги упатило на вонреден технички преглед 66 биле технички неисправни. Повеќе од половина од нив имале проблеми со сопирачките или воланот. Дел од возачите немале соодветна возачка дозвола, односно не биле обучени за управување возило за превоз на патници. Ова вечерва го соопшти претставник на МВР во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на телевизија Tелма.

Експертите, учесници во емисијата, истакнаа дека вчерашната трагедија кај Карпалак се должи на потфлање на целиот систем за безбедност во сообраќајот и дека несреќата е сериозна опомена до сите надлежни институции и компаниите кои се занимаваат со превоз на патници и потребно е да се преземат мерки за подигнување на нивото на безбедност и сообраќајна култура, која се’ уште е на исклучително ниско ниво. Дивите, односно нерегистрираните превозници и натаму се сериозен проблем, посочија експертите.

Во Македонија годишно во сообраќајни несреќи гинат од 150-160 лица.

OhridNews