Циклусот на страдања на Христовите апостоли во капелата над ѓаконикот на Св. Софија во Охрид во науката е одамна познат, но не и доволно проучен. Поради непристапниот терен живописот на источната страна остана речиси непознат, но илустративното документирање извршено пред повеќе години од историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура, кој откри досега не видени претстави во капелата на охридската катедралаени, открива нови тајни кои со векови ги чува ова свето место.
Mомент од првите истражувања на капелата над ѓаконот во Св. Софија
реконструкција на Дејзисот во Св. Софија
Светите аргангели Гаврил и Михаил
Според историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура претставата на Дејзис укажува на фунералната намена на просторот, а на тоа упатуваат слични претстави пронајдени во косницата на Бачковскиот манастир од XII век и црквата посветена на апостолите во Пеќската патријашија од XIII век, како и таа во капелата во Бојанската црква од XIV век.
–Новоидентификуваната претстава на Дејзис во Охридската катедрала проникнува со оваа традиција каде што како главна идејна концепција се провлекува смртта и застапништвото на Богородица со Јован Претеча. Циклусот на смртта на Господовите апостоли и Дејзисот како и присуството на архангелите упатуваат кон помисла дека оваа капела служела за вршење на опело на Охридските архиепископи, вели Гоце Ангеличин Жура, кој ова значајно откритие го реафирмираше неодамна пред научната јавност на одбележувањето на 50 години научно- истражувачка дејност на академик Цветан Грозданов.
Гоце Ангеличин Жура
Хронолошки овој значаен фрескоживопис науката го сместува во XIII век, период извонредно значаен за Охридската црква, кога за време на охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан таа станува најзначајна институција во државата на епирските деспоти, или пак најверојатно нешто подоцна во времето на Константин Кавасила кој е заслужен за подемот на Охридската архиепископија во династијата на Палеолозите. Неговата рана канонизација и оформувањето на неговиот култ во Охрид секако се должи на неговите лични заслуги кој тој ги имал во градот на Св. Климент, вели Гоце Ангеличин Жура.
Полагање на апостол во саркофаг
Благодарение на овие откритија за прв пат по повеќе од 700 години пред научната јавност се презентираат насликаните композиции со претстави: Страдањата на Господовите апостоли, Дејзесот, како и ликовите на архангелите Гаврил и Михаил, кои како целина претставуваат раритет не само на Балканските простори, туку и пошироко.