Охрид е домаќин на Регионалната конференција за ревизија на ИПА фондовите на која присуствуваат директори на ревизорските институции од Македонија, Хрватска, Турција, Србија, Црна Гора и од Албанија. Темата на која дискутираат присутните се националните искуства од ревизијата на инструментот за претпристапна помош – ИПА фондовите во земјите кориснички на ИПА средствата, како и предизвиците што ги очекува земјите од регионот во иднина.

Како што појасни Иван Игњатов од националното Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош – ИПА, структурите за искористување на средствата од ИПА фондовите во Македонија се целосно воспоставени.

–  Ние како независна институција што врши ревизија на целиот систем за користење на ИПА средствата, ги даваме нашите ревизорски препораки кои што институциите ги имплементираат, со цел подобрување на системот за имплементација и користење на ИПА средствата во РМ, истакна Игњатов.

Во однос на улогата на Ревизорското тело, Игњатов појасни дека примарна функција е да врши ревизија на системот на ИПА од аспект на ефикасно функционирање на системот за управување и контрола и сигурноста на сметководствените информации што се доставуваат до ЕК.

Република Македонија има добиено право на користење, децентрализирано управување со средствата за претпристапна помош и тоа за компонентите на зајакнување на институционалните капацитети, за регионален развој, за развој на човечките ресурси и за рурален развој и земјоделство, рече Игњатов, додавајќи дека останува уште да се обезбеди правото на корситење на средства од ИПА фондовите наменети за прекугранична соработка. 

На конференцијата во Охрид присуствуваат и експерти од Генералниот директорот за проширување при Европската комисија, како и поранешниот претседател на Европскиот суд на ревизори од Луксембург, кои на учесниците на собирот ќе им ги пренесат главните предизвици со кои ќе се соочат земјите од регионот за наредниот период од 2014 до 2020 година.

За Република Македонија од 2007 до 2013 година беа одобрени 622,5 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА програмите за претпристапна помош.

OhridNews