Се поизвесно е дека регионалната депонија за југо- западниот регион од Македонија кој опфаќа девет општини, меѓу кои и Охрид и Струга, ќе се гради во општина Кичево, информираат од Центарот за развој на југо-западниот плански регион.
– Дадена е препорака од владата, која потоа беше и прифатена, како локација за изградба на регионална депонија да биде поранешен рудник во Осломеј. Општина Кичево веќе работи на подигнување на свеста и навикнување на населението , процес кој засега успешно се одвива, изјави директорката на Центарот за развој на југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска.
Управувањето со отпадот во југо-западниот регион беше тема на денес одржаниот состанок по иницијатива на центарот ,а на кој присуствуваше и заменик министерот за животна средина, Стево Темелкоски и претставници од локалната самоуправа, јавното претпријатие „Охридски комуналец“ и Секторот за комунален развој.На состанокот, се разгледуваа владините заклучоци околу управувањето со отпадот и комуналните пролеми на две локации во општина Охрид- Рача и Вапила, со цел проблемите во иднина да се решаваат преку изработка на акциски план.
– Тука сме на покана на регионалниот Центар за управување со отпад. Пред два месеци беше склучен договор меѓу општините по што беше формирано и координативно тело во насока на интегрално управување со отпадот во југо- западниот регион кој опфаќа 9 општини. Целта е да се утврдат состојбите на терен и да се разговара како понатака да се постапува и да се интензивираат активностите околу управувањето со отпадот и неговиот третман, пред се во општина Охрид како значаен туристички центар, изјави заменик министерот Темелкоски.
Во изминатиот период беа формирани сите тела за управување со отпадот во југо-западниот регион: одбор кој го сочинуваат деветте градоначалници од општините во регионот , формирана е стручна служба од директори на комуналните претпријатија и претставници од Центар за развој на југо-западниот плански регион, односно исполнети се сите предуслови за изработка на регионален план за управуавње со отпад.
Т. Кувенџиска