Проблемот со трговијата со луѓе државите не може да го решат самостојно и затоа е потребен регионален пристап во справувањето со оваа општествена појава која зема се поголем замав во различни форми. Ова меѓу другото беше истакнатo на работилницата посветена на регионална соработка за поефикасен одговор во борбата против трговијата со луѓе во Југоисточна Европа,  што се одржува во Охрид. 

-Феноменот на трговија со луѓе кај нас бележи надолна линија, но има и осцилации во тој дел. Затоа не може да се анализира само проблемот на трговија со луѓе изолирано, од другите, би рекол сродни области, како што е криумчарењето на мигранти или нерегуларната миграција коишто имаат драматично зголемување на статистичките бројки, истакна Трпе Стојаноски, директор на МАРРИ регионалниот центар во Скопје.

Според него, целта на водневна средба во Охрид на земјите од регионот е да се презентираат националните искуства, добрите практики и сивите зони на кои наидуваат државите кога се соочуваат со проблемите на трговијата со луѓе. Стојаноски смета дека контактите меѓу институциите, како и личните контакти меѓу надлежните во оваа проблематика се многу значајни и придонесуваат за зголемување на довербата, а со тоа и развивање на нови методи на делување пред се на брзата размена на информации која во многу случаи знае да го скрати времето потребно за реакција.

 

Анастасија Илиеска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, посочи дека координацијата на институциите во регионот дава позитивни резултати, со што трговијата со луѓе значително е намалена во однос на десетина години наназад.

-Во изминатите 11 месеци до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, поднесени се 3 Кривични пријави за трговија со луѓе и трговија со дете, при што пријавени се 4 сторители, од кои едно лице е од женски пол. Од страна на институциите идентификувани се 8 жртви на трговија со луѓе од кои 6 лица се малолетни, 2 полнолетни од кои едно е од машки пол. 7 се државјани на Република Македонија, а 1 е жртва од странство која добила дозвола за привремен престој во нашата земја. Најзастапен вид продолжува да биде сексуалната експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација. Од вкупно 8 жртви, 5 се екплоатирани во Скопскиот, една во Пелагонискиот регион, додека 2 наши државјанки се експлоатирани во странство (Словенија и Италија). Во Центарот за жртви на трговија со луѓе сместени се 6 жртви на трговија каде имаат добиено првична помош и заштита, нагласи Илиевска.

Таа истакна дека  Стејт Департментот на Соеднинетите Американски Држави пет години по ред ја става Македонија во првата група, односно во групата ТИЕР 1 – земји што целосно ги исполнуваат стандардите во борбата против трговијата со луѓе, признание кое малку земји го имаат добиено.

Инаку, работилница “Регионална соработка за поефикасен одговор“ ја следат 35 претставници од земјите од регионот и меѓународни организации кои работат на полето на сузбивање на трговијата со луѓе. 

OhridNews