Да се рехабилитира постојниот колекторски систем на Охридското Езеро или да се изгради нов, е дилема пред која е исправена Македонија во очи донаторската конференција која ќе се организира претстојниот период, на која земјава врз основа на стручни согледувања на состојбата на колекторот ќе побара средства за негова санација.

За таа цел денеска во Охрид се одржа презентација на наодите на јапонски експерти за помош околу рехабилитација на колекторот, на која учествуваа експерти, градоначалниците на Охрид и Струга и претставници на стручни служби.

-Проблемите во најголем дел се предизвикани од мешање на фекална и атмосферска канализација и околу тоа ќе треба да пристапиме многу сериозно во планот за рехабилитација на колекторот. Заради тоа имавме презентација на техники кои треба да помогнат за санација и долгорочно обезбедување на Охридското Езеро.-изјави Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.


Средства за санација на нефункционалниот колектор на Охридското Езеро Македонија ќе бара на донаторска конференција која ќе се организира наскоро. Претходно државата треба да изготви стратегија дали колекторот ќе се рехабилитира или ќе се гради нов.

-Една опција е реновирање на системот со обложување на цевките и втора опција изградба на нов колекторски систем. Во зависност од тоа каква политичка одлука ќе се донесе така ќе настапиме пред донаторите.-рече Пановски.

Според проценките, за рехабилитација на колекторскиот систем на Охридското Езеро ќе бидат потребни над 52 милиони евра.

Експерти на Јапонската агенција за меѓународна соработка, денеска во Охрид ги презентираа резултатите од мониторингот на колекторскиот систем, кои треба да им помогнат на македонските институции да ја донесат конечната одлука околу моделот на санација на колекторот кој е во исклучително лоша состојба.

OhridNews