До 1-ви јуни се очекува да заврши реконструкцијата на улицата „Македонски Просветители“ рече денес градоначалникот Кирил Пецаков, одговарајќи на советничко прашање. Од страна на локалната самоуправа се запазува динамиката на работа, како и уделот во однос на финансирањето, а сме во постојана координација и со изведувачите рече Пецаков.
Изградбата на улицата како локална самоуправа ќе не чини уште дополнителни 50 милиони денари кои не беа предвидени во проектот. Рокот за изградба е 1-ви јуни, имам чести состаноци со изведувачи и сите служби кои работата на изградба. Би рекол дека нашите работи во однос на фазите кои се одвиваат, втората фаза, тоа што е наша обврска како Општина Охрид ја имаме завршена некаде околу 15 март, а за третата фаза која од денес почнува да се отвора како градежна фаза ќе бидеме готови некаде околу 15-20 мај. Што значи дека се следиме заедно со изведувачите и надзорот, за што имаме и координации на неделно ниво. Улицата би требало да биде завршена на 1-ви јуни, рече градоначалникот Пецаков.
Во однос на улицата „Македонски Просветители“ советничката Ана Крстеска упати прашање дали при изградбата се земаат во предвид потребите и на лицата со инвалидитет, во смисла дали има пристапни меса за инвалиди и патеки за лица со оштетен вид, односно патеки со релјефни вдлабнатини.
Секако дека ќе се внимава и на тој дел. Тоа што претставува патеки за слепи лица е нешто што не е предвидено во проектот, но на што инсистирам. Разговаравме и со изведувачите да видиме дали ќе е возможно во однос на патеките каде ќе се движат пешаците да се изведат и патеки за слепите лица. Но, во секој нареден проект кој ќе опфаќа било каква пешачка патека ќе го предвидиме, бидејќи тоа е една и од моите заложби, истакна Пецаков.
Од денес важи и забраната за паркирање и запирање на паркинг просторот на улица „Македонски Просветители“, од пресекот со улица „Димитар Влахов“ до пресекот со улица „Даме Груев“, поради изведување на градежни работи.
Инаку, активностите за реконтрукција на улица започнаа на 21-ви ноември минатата година. Според проектната документација, новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување.
Возните ленти и такси паркингот ќе бидат изведени од гранитни камени коцки со димензии 10/10/10см, орабени со камени гранитни рабници. Тротоарите ќе бидат изведени од гранитни камени плочи со димензии 33/33/3см, а на велосипедската лента ќе бидат поставени гранитни камени коцки со димензии 5/5/8см. Во должина на улицата планирано е изведување на среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед, од двете страни.
Н.С.Ј.