Освен од локалната самоуправа, на расправата присуствуваа и претставници од јавните претпријатија и еколошките друштва.
Како што беше потенцирано на расправата, иницијативата за реконструкцијата на дрворедите доаѓа поради бројните оштетувања кои ги имаат предизвикано корењата на дрвата. Деформациите на тротоарите, уништените водоводни цевки- се само дел од нив.
– Цевките за одведување на отпадните води поминуваат во близина на корењата на дрвата, кои се длабоки и со нивното ширење постепено ги поместуваат цевките и предизвикуваат бројни дефекти, истакнаа од ЈП Нискоградба. И од ЈП Комуналец беше потенцирано дека одржувањето на дрворедите предизвикува потешкотии, пред се поради исцедокот од липите. Од ова јавно претпријатие сметаат дека постоечките дрвореди треба да се заменат со друг соодветен вид дрва.
Претставниците од еколошките друштва едногласни во констатацијата дека зеленилото постепено исчезнува од централното градско подрачје. Затоа, сметаат тие, при реализацијата на една ваква идеја од големо значење е реконструкцијата да се изврши врз претходна детална анализа на состојбата и секој чекор да е добро испланиран. При тоа, да се вклучени стручни лица како и претставници од еколошките друштва.
Како што појасни советникот на градоначалникот, Зоран Шикалески, идејата за реконструкција на дрворедите не е тие да бидат уништени, туку да се обноват, а при тоа Охрид да добие еден нов лик со поголем број дрва во централното градско подрачје. – Идејата е да се оди постапно и да се започне од улицата Димитар Влахов на која во моментов има 53 садници, со реконструкцијата нивниот број би се зголемил на 80 нови садници. При тоа не би саделе млади дрва, туку со висна од 2, 5 до три метри и дебелина на стеблото од 12 сантиметри. Секое новопосадено стебло ќе биде соодветно заштитено како не би дошло до негово оштетување, рече Шикалески. Тој потенцира дека реконструкцијата нема да започне додека не се набават новите садници.
Раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, укажа дека реконструкцијата на дрворедите треба да се изврши согласно урбанистичките решенија, како не би дошло новопосадените садници, во иднина да се сечат поради одредени градежни зафати.
На крај од расправата присутните одлучија реконструкцијата на дрворедите да се изврши, а за реализација на овој зафат, од страна на градоначалникот да биде формирана комисија составена од претставници од локалната самоуправа, јавните претпријатија, стручни лица и претставници од еколошките друштва. Комисијата ќе врши надзор на секој чекор кој ќе биде превземен како дел од реконструкцијата.