Во тек е реализацијата на првата фаза од проектот за реконструкција на познатиот Парк на поезијата во центарот на Струга, местото каде што сите лауреати на „Струшките вечери на поезијата“, во чест на поезијата, засадуваат дрвца, информираат од министерството за култура.

Во првата фаза, надлежната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ веќе го изработи проектот, а по изборот на фирма за санација на просторот, веднаш ќе се пристапи кон поплочување на постојните патеки со бекатон плочки и хортикултурно уредување. Реализацијата на целиот проект, кој опфаќа реконструкција на јавна површина од 5480 квадратни метри, ќе се одвива во две фази. Во втората фаза, која ќе се реализира во 2015 година, ќе се изврши реконструкција на фонтаните и целосна илуминација на просторот, а ќе бидат поставени и клупи.

– Со овој проект, Паркот на поезијата ќе блесне во полн сјај, а Струга ќе добие репрезентативен јавен простор кој е лоциран во срцето на овој град, потенцираат од министерството за култура.

За оваа намена од буџетот на Министерството во 2014 година се издвоени 1,5 милион денари.

OhridNews