Покрај изградбата на третиот дел од патеката кон Парк, од локалната самоуправа најавуваат дека годинава ќе започне реализацијата на уште два поголеми проекти со кои ќе се изврши разубавување на пешачките патеки во градот.

Во завршна фаза е изработката на комплетниот проект за реконструкција и доградба на градскиот кеј,а градежните работи би требало да започнат во септември, информира градоначалникот Никола Бакрачески.

30 години не е извршена реконструкција на ова најфреквентно шеталиште за охриѓани и гостите. Сметаме дека неговата реконструкција ќе претставува своевиден белег и ќе биде наша гордост. Би требало ако законските постапки се завршат на време, зафатите да почнат во септември, изјави Бакрачески.

При крај е и изработката и на проектот за реконструкција на пешачката и рекреативна зона по должина на каналот Студенчишта. Ќе биде во должина од 600 метри, од бараките на градежното претпријатие „ Трудбеник“ до Билјанини извори.

OhridNews