Реконструкцијата на старото крило во охридската општа болница, која од неодамна е запрена по налог на Министерството за здравство, е предмет на ревизија дознава OhridNews. Причина за отпочнатата ревизија како што информираат од Министерството е да се согледа целокупната состојба и да се утврди одговорноста за направените пропусти.

По налог на Министерството за здравство градежните работи во охридската болница се привремено запрени од причина што во тек е ревизија на целокупната документација која се однесува на реконструкцијата на оваа болница, со цел објективно да се согледа реалната ситуација и точно лоцирање дали и каде е направен превид при реконструирањето на овој здравствен објект, по што ќе следуваат повеќе детали.

Во меѓувреме, очекуваме предлог решение од проектантот на проектот, кој ќе ги сноси направените трошоците од евентуалното пролонгирање на реконструктивниот зафат.

Напоменуваме дека Министерството за здравство нема да толерира вакви пропусти во проектот или во изведувањето на градежните работи и ќе бидат преземени мерки во согласност со одредбите од договорот.“ -стои во информацијата на министерството испратена до нашата редакција.

Како што веќе информиравме, градежните работи на објектот во кој некогаш беа сместени одделенијата за хирургија, урологија, гинекологија и уво, грло и нос, од пред две недели се стопирани поради воочени отстапувања во висината на објектот.

За реконструкција на охридската болница Министерството за здравство распиша меѓународен тендер, кој го доби бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград, а работите ги изведува скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, по проект на „Иванов инженеринг“ од Битола, кој воедно го врши и надзорот. Реконструкцијата на старото болничко крило, која отпочна минатиот октомври, беше предвидено да заврши за 16 месеци, но повеќе од јасно е дека градежните работи ќе бидат пролонгирани на подолг рок.

Од охридската општа болница очекуваат недоразбирањата брзо да бидат надминати и реконструкцијата на  старото крило да продолжи и заврши во најбрз можен рок. Дотогаш, уверуваат оттаму, граѓаните ќе бидат опслужувани  во привремените амбуланти, а итните случаи, операциите и породувањата и натаму ќе се вршат во болницата во Струга.

Тања Кувенџиска
Горан Момироски