Само во текот на вчерашниот ден, во охридската Противпожарна служба биле пријавени пет случаи на пожар на отворен простор.

Неколку часа по избувнувањето на пожарот помеѓу селата Горенци и Требеништа, следувале уште неколку. На телефонскиот број 193 во 18.15 бил пријавен пожар во месноста „Андон Дуков“, во 18.25 на улицата „Распаќе“, 18.45 кај Подмоље и во 20.45 минути било пријавено опожарување на контејнери на улицата „8- ми Септември“.


Од страна на противпожарните единици навреме било интервенирано во секој од пријавените случаи при што тие биле за кратко време локализирани и изгаснати и било спречено нивно понатамошно ширење.

Како што информира командирот на охридската Противпожарна единица, Спасе Прентоски, годинава се бележи рекорден број пожари на отворен простор. Само во месец март евидентирани се 36 интервенции. Причина за избувнувањето на секој од нив е несовесно однесување на поединци кои со затоплувањето на времето зелениот отпад од градините наместо соодветно да го третираат, го палат.

Во овој период од годината очекувано беше дека ќе се зголеми бројот на интервенции, но никогаш тие не биле во толку голем број. По чистењето на градините зелениот отпад луѓето го палат и често пати огнот поттикнат од ветар почнува бргу да се шири и да зафаќа поголема површина. Во паника, најчесто оние кои што го палат зелениот отпад бегаат со што се остава можност пожарот да се прошири и да биде предизвикана и поголема материјална штета доколку навреме не се интервенира од наша страна, вели Прентоски.

Од ЈП „Охридски комуналец“ потенцираат дека од нивна страна направен е распоред- во кои денови од кои локации во градот и околината ќе се подига ваквиот отпад.

Доволно е граѓаните да го депонираат зелениот отпад на соодветно место и тоа да го пријават кај нашите служби, а ние согласно календарот кој е објавен на нашата интернет страница ќе го подигнеме од посочената локација, вели директорот на јавното претпријатие, Сашо Алче. 

Т. Кувенџиска